26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПодатоци за граѓаните и бизнисот во нациoнален геопортал

Податоци за граѓаните и бизнисот во нациoнален геопортал

pesevki-trpesvki

Унифицирани податоци од 17 државни институции корисни во секојдневниот живот и работа за граѓаните и за бизнисот треба да понуди геопорталот на националната инфраструктура за просторни податоци, што за една година треба да го воспостави Агенцијата за катастар на недвижности.

Доколку некој сака да оди на викенд преку националниот геопоратол ќе може да ги види метеоролошките и сите други податоци за избраното место. Стопанствениците, пак, при плановите за отворање фабрика ќе имаат преглед на податоците за локацијата каде сaкаат да инвестираат, за близината со останатите стопански објекти и инфраструктура, населението, бројот на невработените.

Според денеска презентираниот закон за национална инфраструктура на податоци, новиот систем ќе овозможи побрз одговор на итни ситуации и природни непогоди, итните и противпожарните служби и полицијата би имале подобар преглед на настаните и локациите.

Достапноста на географските информации се очекува да овозможи подобро донесување одлуки, како на пример каде да се изгради ново училиште или каде да се поттикне индустриски развој.

„Сите просторни податоци од сите државни институции ќе се соберат во еден национален геопортал кој ќе ги собира просторните податоци, ќе управува со него, ќе прави разни анализи, а податоците ќе бидат графички достапни до граѓаните“, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, на заедничка прес-конференција со директорот на Катастарот Славче Трпески.

Примената на проектот, според почетните проекции, ќе чини 2 милиони евра, составен дел од Буџетот на РМ и вклучените институции.

„Поважно е тоа што со вредноста на податоците и квалитетот што ќе ги добиваат граѓаните, компаниите и потенцијалните инвеститори, Македонија ќе го надмине овој износ повеќекратно“, нагласи Пешевски.

Според начелната динамика, во рок од три години и останатите државни институции, треба постепено да ги дигитализираат податоците со кои располагаат и во унифициран формат да се пренесуваат во геопорталот во Катастарот.

Информациите, појасни Трпески, ќе се дефинираат и чуваат на ист начин, со што пристапот до нив треба да биде поедноставен.

„Институциите мора да ги стандардизираат податоците со ИСО стандарди. Целта е првин внатре во РМ да говориме на ист јазик, а понатаму да се вклучиме во системите на ЕУ“, наведе Трпески.

Покрај геопорталот ќе се изработи и апликација за паметни телефони.

„Токму тоа е и целта, порталот да биде поблизок до секој граѓанин, државните органи или приватниот сектор. Сите податоци што и денес се слободни и понатаму ќе бидат слободни, како за граѓаните, така и за приватниот сектор, а за тие за коишто се плаќа и сега ќе има можност за електронско плаќање без доаѓање во институциите“, појасни директорот на Катастарот.

Очекувањата на Владата се преку воведувањето на системот покрај граѓаните и инвеститорите, голема придобивки да има и за државните институции бидејќи треба да се овозможи развој на голем број нови владини услуги, базирани на веб решенија, наменети за граѓаните, особено преку системот е-Влада.

За старт на проектот за НИПП Катастарот работи на обука на персоналот и на подготовки од 2009 година. Во законот целосно е транспонирана европската директива INSPIRE, инфраструктура на просторните податоци во ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП