26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСобранието расправа за јавниот долг

Собранието расправа за јавниот долг

Sobranie nadvor

Македонското Собрание денеска на продолжение на 82. седница расправа за Информацијата за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија, поднесена од пратеници од опозициските партии.

Во текот на расправата опозициските пратеници обвинија дека надлежните институции не ги објавуваат податоците за јавниот долг. Владата, сметаат, вештачки го намалува точниот износ на јавниот долг и ги надминува таргетите за управување со долгот. Целата политика ја темелела на земање кредити во функција на задржување на своите позиции, а не во интерес на граѓаните. Таквите тврдења, за пратениците од владејачкото мнозинство, се неиздржани, затоа што Владата не криела податоци и е транспарентна, а за резултатите во работењето има потврда од меѓународните финансиски институции. Сите информации за долгот, посочија, се проследуваат и до НБРМ и Еуростат, ММФ, Светската банка, ниту една не е пласирана погрешно и никој од нив не кажува дека долгот и стратегијата за јавен долг се променети во однос на утврденото.

Во образложението на Информацијата, Марјанчо Николов од СДСМ оцени дека Владата ги крие податоците за јавниот долг, истакнувајќи дека на веб страницата на Министерството за финансии последниот годишен извештај за долгот е од 2009 година.

„Се објавува само долгот на централната Влада, што е дел од јавниот долг. И овие податоци треба да не загрижат. Покажуваат дека од 2008 година долгот е практично дуплиран и изнесува 2 милијарди и 727 милиони евра, или 34 проценти од БДП“, рече Николов.

Според него, со износ од 34,1 процент долгот на централната Влада во 2012 година e надминат таргетот поставен со Стратегијата за управување со јавниот долг. Во 2013 година, обвини Николов, Владата се обидува преку префрлање на дел од долговите од државата на јавните претпријатија во државна сопственост да го намали и сокрие долгот на централната Влада.

Николов оцени дека Владата живее на кредит, оти секој граѓанин го задолжила со уште по 650 евра и оти ја придвижува државата со задолжување кон состојбите кај јужниот сосед.

Реплицирајќи, Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Македонија е далеку од таквите состојби.

„Кажавте дека државата зема кредити, но не и оти враќа пари од кредити кои ги зела вашата влада“, наведе Тренев, истакнувајќи дека оценките од меѓунаридните финансиски институции и фактите покажуваат оти Владата добро се снаоѓа со јавните финансии.

„Како може да кажете дека сме го зголемиле долгот, кога 38 проценти кога вие бевте на власт е повеќе од 34 проценти. Сега е 34 проценти и тоа се непобитни факти“, рече Тренев, укажувајќи на извештајот на Светска банка според која Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа.

Неговиот сопартиец Влатко Ѓорчев смета дека Македонија е ниско задолжена земја, со позитивни резултати во работењето и во услови на економска криза. Праша зошто опозицијата премолчува дека БДП од 2005 година е зголемен од 4,814 милијарди евра на 8,031 милијарди евра, како и дека просечниот извоз во изминатите неколку години е дуплиран.

„Во последната година од Владата на СДСМ извозот на Македoнија бил милијарда и 600 милиони евра, а извозот заклучно со ноември 2013 година е 3.300.000.000 евра, што е двојно повеќе од извозот во ваше време. Зошто не го кажете податокот дека вкупниот долг на централната Влада, како процент од извозот е 112 проценти. Сега тие 112 проценти се намалени на 82 проценти. Значи во време на најголеми економски кризи, кога банкротираат банки, ние го имаме намалено за 20 проценти нашиот долг како процент од извозот“, рече Ѓорчев.

Миле Андонов од СДСМ реагираше на неприсуството на претставници од Владата на расправата, која, како што рече, мора годишно во Собранието да достави информација за регистарот на сите долгови.

„Од 2008 година до денес не сме разгледале таква информација“, рече Андонов и додаде дека поради задолжувањето и непродуктивното трошење се намалува стандардот на граѓаните за што најголем доказ било масовното иселување на младите.

За Надица Танчева Тулиева од ВМРО-ДПМНЕ Андонов ја манипулира јавноста.

„Кога Македонија се задолжува од странски кредити ние носиме тука закони. Зошто тогаш велите дека Владата го крие долгот“, праша Тулиева.

Според Стојко Пауновски од СДСМ, точно е дека се знае кои за кредитите за кои се носат закони во Собранието, но, како што рече, потребни се и податоци за задолжувањата по други основи. Каде е транспарентноста за парите од банките?, праша Пауновски и потенцира дека јавноста треба да ги знае податоците и за долговите кон приватниот сектор за поврат на ДДВ и за завршени, а неисплатени работи.

Собранието треба да продолжи со работа во 15 часот, по редовната и паузата на барање на ДПА.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП