5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСулејманија, мост за освојување на ирачкиот пазaр

Сулејманија, мост за освојување на ирачкиот пазaр

sulejmanija komora

Компании од Курдистан, област во Северен Ирак, се заинтересирани за увоз на македонски земјоделски производи, особено овошје, но и за инвестиции. Сакаат да воспостават интензивни бизнис врски со партнери од земјава и значително да го подигнат нивото на соработка.

Како што беше речено на денешниот бизнис форум во Стопанската комора на Македонија, освен визите и немањето дипломатско-конзуларни претставништва, проблем за досегашната минимална размена се и оскудните информации меѓу двете земји за нивните економски услови, можностите, поволностите, потенцијалите.

„Имаме многу малку информации за македонското стопанство и трговија. Затоа и дојдовме тука, да се запознаеме непосредно, да воспоставиме директни односи со вашите компании, што ќе биде мост за натамошна соработка. Потенцијалот е огромен од двете страни, мора да се искористи“, рече Јасин Рахим Фарај од Трговско-индустриската комора на Сулејманија.

Курдистан реализира 17 отсто од вкупниот приход на Ирак. Брои 6,6 милиони жители, има широка автономија и е без царинско подрачје, богато со нафта и минерални суровини.

Претставува исклучителна можност за македонските компании од областа на градежништвото, туризмот, земјоделството… Атрактивни за соработка се и металниот сектор, како и фармацијата.

„Сакаме повторно да ја изградиме нашата економија, да постигнеме напредок во индустријата и земјоделството. Но, заинтересирани сме и за вложувања во Македонија. Досега увезувавме ваши производи, најмногу овошје, но сакаме соработката да ја прошириме на сите нивоа, како и директно да комуницираме со земјоделците“, напомена Рахим Фарај, изразувајќи уверување дека Курдистан е 100 процентно безбеден и може да се искористи за влез и освојување на Ирак.

Според Стопанската комора, размената меѓу Македонија и Ирак е незавидна. Сепак, за нас ова е перспективен пазар.

„Размената минатата година беше само 3,4 милиони долари што е 15 отсто намалување во однос на 2012-та. Максималната вредност од вкупно 7,5 милиони долари се постигна во 2011 година. Претходно, во 2010-та, по организираните средби со ирачки компании, се зголеми за трипати во однос на 2009-та. Притоа, доминраше извозот на свежо јаболко“, рече Љубица Нури од Комората.

Лани првпат се извезоа лекови и метални конструкции, што, според Нури, е охрабрувачки показател.

Во структурата на извозот најзастапени се земјоделските и прехранбените производи, цигарите и машинитe за печатење.

Со цел и официјално зацврстување на бизнис контактите, Трговско-индустриската комора на Сулејманија и Стопанската комора на Македонија денеска на форумот потпишаа Договор за соработка.

Деловната делегација од Сулејманија останува во Македонија до втори февруари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП