Капитенот Тодор Гечевски кој беше најзаслужен за победата на МЗТ Скопје на синоќешното гостување кај Партизан, освои 29 индексни поени и се пласира меѓу петте најкорисни кошаркари во 18.коло од АБА лигата.
Гечевски одигра 27 минути и натпреварот го заврши со „дабл-дабл“ ефект, односно 19 поени (3/4 за тројка; 4/6 за два и 2/2 за еден поен) и 13 скокови, а имаше и по две освоени и загубени топки.
Ова е третпат сезонава Гечевски да биде во ТОП 5 на колото на АБА лигата.
МВП на оваа рунда e Иван Бува од Широки, кој има 31 поен. Во ТОП 5 се наоѓаат уште: Суад Шеховиќ (Будуќност) 26, Марко Рамљак (Задар) 26 и Деивидас Гаилиус (Олимпија) 25 индексни поени.