24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПредлог: Македонска пошта да има екслузивно право за универзална услуга до 2017

Предлог: Македонска пошта да има екслузивно право за универзална услуга до 2017

makpos1

Продолжување на ексклузивното право на АД Македонска пошта за обезбедување универзална услуга заедно со резервираните поштенски услуги до јануари 2017 година, предвидува Предлог законот за изменување на Законот за поштенските услуги, во прво читање, што денеска доби поддршка од матичната собраниска комисија.

Со предлогот се одложува примената на членот 92 од постојниот Закон. Наместо од 1 јануари 2015 година Македонска пошта ќе има екслузивно право за универзалната услуга до 1 јануари 2017 година, образложи заменик-министерот за транспорт Џелал Бајрами на седницата на Комисијата за транспорт и врски.

Пратениците од опозициската СДСМ оценија дека Владата го предлага законот без објаснување на причините за одложувањето на либерализацијата во поштенските услуги и дозволува монополска позиција на МП од која ќе има корист.

Благоја Стојановски од СДСМ обвини дека се остава простор за шпекулации за причините за одложувањето на либерализацијата по низата, како што рече, нерасветлени грабежи во поштата.

Неговиот сопартиец Јани Макрадули, пак, смета дека продолжувањето на монополската позиција „ќе доведе до збогатување на Македонска пошта“ и ќе има влијание на работата на приватните субјекти во поштенските услуги.

На седницата на Комисијата за транспорт и врски поддршка добија и предложените измени на Законот за јавни патишта. Се предлага отстранувањето оштетени возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или Градот Скопје да го вршат правни или физички лица врз основа на лиценца.

Општините или Градот Скопје, според предлогот, може да издадат лиценца за отстранување оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта, што ќе може да ја добијат на неопределено време домашно правно или физичко лице со исполнување услови.

Исто така, во законот се предвидува дека снимениот материјал на патарините направен при вршење видео надзор задолжително се чува до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена. По истекот на рокот за чување од 30 дена, снимениот материјал се уништува, освен материјалот што преставува доказ во кривична или прекршочна постапка со кој се постапува согласно со закон. Со постојниот закон рокот за чување на снимениот материјал е 60 дена.

За пратениците од СДСМ предложениот закон е неприменлив, со одредби на штета на граѓаните, а во интерес на државниот Буџет. Сметаат дека во помалите општини ќе нема интерес за добивање лиценца поради шансите за мала или никава економска оправданост.

Панче Орцев од СДСМ истакна дека граѓаните веќе плаќаат давачка за влечна служба при регистрацијата, а сегашното лиценцирање само ќе придонело за поголем прилив на финансии во Буџетот на државата. Општините, посочи, не добиваат ништо, освен обврска за утврдување на ценовникот за услугите.

Според Стојановски, ќе има ситуации кога ќе нема кој да ги отстрани возилата со дефект во помалите општини каде че нема интерс за лиценца.

Реплицирајќи на забелешките од опозицијата заменик-министерот за транспорт рече дека предлог законот е во согласност со легислативата на ЕУ. Во општините каде ќе нема лиценца таа дејност ќе ја врши компанијата со лиценца на ниво на цела држава, појасни Бајрами.

Без расправа на седницата беа прифатени предложените измени на Законот за градење. Со нив се врши доуредување на постапката за одземање лиценца и овластување, при што се предвидува и органот надлежен за издавање одобрение за градење да може да поднесе предлог за одзмење лиценца и овластување, доколку утврди дека се исполнети условите за тоа. Исто така, се предвидува одговорното лице во правното лице за вршење надзор над изградбата на градби и одговорното лице во правното лице за ревизија на проектна документација, на кое му е одземена лиценцата да не може да основа друго правно лице за тие намени во рок од пет години, а не како досега една година. Се утврдува и рок за плаќање надомест за уредување градежно земјиште за да не се одолговлекува постапката за издавање одобрение за градење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП