24 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Капитал“: Македонија е скриен бисер на Балканот

„Капитал“: Македонија е скриен бисер на Балканот

macedonia-06

Македонија е скриен бисер на Балканот, со рамен данок од 10 отсто, специјални економски зони и минимална бирократија. Земјата ги нуди најдобрите услови за водење бизнис во Европа.

Вака е оценета Македонија во анализата на декемвриското издание на италијанскиот економски и финансиски магазин „Капитал“, што го издава медиумската куќа „ClassEditori“.

Магазинот анализира дека реформите започнати во 2007-та за поедноставување на трговијата и стимулирање на нови компании, даваат резултати. Наведува дека рамниот данок од 10 отсто, ниските фискални давачки, едношалтерскиот систем кои на инвеститорите им овозможуваат да регистрираат компанија за само еден ден, како и целосното ослободување од ДДВ и царинските давачки на извозно ориентираните компании се пример како една мала држава успеала да направи инвестициски бум во време на финансиска криза.

„Иницирани и силно поддржани од премиерот Никола Груевски, кој е на чело на државата од 2006-та, овие реформи покажаа како мала држава може да привлече мултинационални компании од целиот свет, како руската Протек Груп – гигант во фармацевскиот сектор или американската Џонсон Контролс која произведува делови за автомобилската индустрија“, се вели во анализата.

Весникот цитира изјава од извршниот директор на компанијата „Сол“ која во Македонија фактурирала речиси 10 милиони евра.

„Во 2012-та година, компанијата во Македонија фактурираше речиси 10 милиони евра од вкупно 583 милиони кои беа остварени на ниво на цела групација, притоа реализирајќи инвестиции во Македонија од над 30 милиони евра за да ја искористи стратешката позиција на Балканскиот полуостров. Токму пред неколку месеци „Сол“ доби четири концесии за управување на исто толку хидроелектрани во земјата“, вели Алдо Фумаџали Ромарио, извршен директор на компанијата.

Според министерот за странски инвестиции Бил Павлевски, индикаторот за бизнис атрактивноста на Македонија се гледа во капацитетот да привлече голем број на индустриски групации кои со текот на времето ќе реинвестираат придонесувајќи за развој како на земјата така и на групацијата.

Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо за весникот објаснува дека по 2006-та е даден значителен придонес за развој на технолошко-индустриските развојни зони.

„Станува збор за вистински слободни економски зони, основани за привлекување на странски инвестиции. Една од последните олеснувања е т.н зелениот канал за слободно царинење. Ова е еден од факторите која ја убедиле групацијата „Витело“ лидер во секторот на хидраулика да ја отвори компанијата Технохозе која произведува гумени црева наменети за пазарите во Југоисточна Европа и Русија. Компанијата влегла со иницијална инвестиција од 10 милиони евра“, објаснува Мизо.

Премиерот Груевски појаснува за „Капитал“ дека околу 60 отсто од македонскиот извоз е кон Европската Унија.

„Нашиот влез во Унијата ќе придонесе за стабилизирање на земјата не само од економски аспект. Земјата е кандидат од 2005-та, сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО. Дури и судот во Хаг пресуди во нашата полза, но сепак страдаме од вето од Грција поради спорот со името на нашата земја“, вели Груевски.

Економскиот и финансиски магазин „Капитал“ е дел од „ClassEditori“, водечката медиумска куќа за финансии, економија и мода во Италија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП