2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХотелите во Охрид полни за новогодишните празници

Хотелите во Охрид полни за новогодишните празници

ohrid-hoteli

Охридските угостителски и сместувачки капацитети бележат речиси целосна исполнетост за престојните новогодишни празници. Се е подготвено за пречек на гостите кои решија Новата 2014 година да ја дочекаат во некој од бројните угостителски објекти во градот и долж ривиерата.

И оваа година најбројни во Охрид ќе бидат туристите од опкружувањето, претежно од соседните држави, кои кај нивните туроператори можат да најдат и новогодишни пакети со три ноќевања на база полупансион и свечен дочек на Новата година по цена од 150 евра, со вклучен превоз.

Цените варираат зависно категоријата на хотелот и понудата, но главно се работи на тридневни и дводневни аранжмани, со вклучен дочек на Новата година и забава и за 1 јануари или втората вечер.

Хотелот „Климетица“ нуди тридневни и дводневни аранжмани со вклучен свечен дочек на Новата година со свечено мени и неограничен појалок по цена од сто односно 85 евра. И во „Климетица“ капацитетите се речиси пополнети, со гости од Црна Гора, Србија, Бугарија и Македонија.

Во хотелот „Милениум“ веќе нема слободни аранжмани, каде веќе место обезбедиле гости од Србија, Грција и домашни гости претежно од Скопје, по цена од 139 односно 99 евра за тродневен или дводневен аранжман, во двокреветна соба со свечено новогодишно мени и по пет пијалоци по лице.

Стоте соби со кои располага хотелот „Силекс“ се закупени од гости од Полска, Грција, Бугарија и од Турција, како и од домашни гости. Цената на тридневните аранжмани изнесува 145 евра, додека на дводневните 119 евра од лице, со вклучени празнични вечери.

Полн е и хотелот „Белведере“ со гости претежно од Црна Гора, Бугарија и Албанија, по цена од 302 евра за две лица на режија три полупансиони со вклучен свечен дочек и реприза на 1 јануари.

И кафулињата и ноќните клубови очекуваат добра посетеност за новогодишните празници, со тоа што и оваа година се најавени одредени намалувања на цените. Така на пример дочекот на Новата година во ноќниот клуб „Ликвид“ ќе чини 1.200 денари со ладна закуска, апетисани, овошје и четири пијалоци, илјада денари во „Објектиф“ со вклучено неограничено јадење и два пијалоци.

Слични цени и во клуб-барот „Куба Либре“ каде дочекот на Новата година со богато мени чини 1.500 денари додека во ноќниот клуб „Хавана“ забавата со апетисани и овошје чини илјада денари и вклучени три пијалоци. „Кадмо-бич“ најавува незаборавна забава за дочекот на Новата 2014 година со групата „Деспина“, по цена од 600 денари за лице со вклучен еден пијалак.

Во барот „Кадмо“ цените изнесуваат 1.200 денари за висока маса односно 1500 денари за сепаре, со вклучени четири пијалаци, ладна/топла даска, клуб- сендвич, овошје и апетисани. Локалите кои немаат програма и новогодишно мени вообичаено работаат со отворен влез, со редовни цени на пијалоците, но за дочекот е добро да се резервира место, бидејќи интересот е голем.

За охридските ресторани стандардно важи понудата на целовечерни пакети, а цената варира зависно од локалот и понудата, нешто пониски од минатогодишните. Цената на самиот дочек, односно за вечерта на 31 декември наспроти 1 јануари, ќе чини 35 евра во „Света Софија“ со богато мени со еден пијалок, 45 евра во „Далга“ и „Чун“ со неограничен пијалок до 50 евра од лице во „Гарден“.

Во рестораните „Белведере“ и „Билјанини извори“ новогодишното свечено мени чини 40 евра со десет евра вклучен пијалок. Втората вечер или вечерта на 1 кон 2 јануари, менито во најпознатите охридски ресторани ќе чини до 20 евра.

За охриѓани и оние гости во градот што ќе решат новата 2014 година да ја дочекаат на отворено, локалната самоуправа годинава организира дочек на Градскиот плоштад, со забава за која ќе се погрижат естрадните уметници Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Наум Петрески, Зуица Лазова, Анастасија Петреска, групата „Синтезис“ и оркестарот „Агушеви“, сето заокружено со голем новогодишен огномет.

Дополнителна атракција секако ќе биде  лизгалиштето на мраз поставено на Градскиот плоштад, како за охриѓани така и за гостите кои ќе минат неколку дена во Охрид.

Охрид има свои гости кои доаѓаат токму тука поради проверено добрата забава и прекрасниот новогодишен амбиент, а кога тука ќе се придодадат и оние кои во последен миг ќе решат да дојдат во Охрид нема причини да не се очекува весел дочек на Новата 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП