5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАР бара да се одложи примената на новиот тарифник за концесии

МАР бара да се одложи примената на новиот тарифник за концесии

rud

Македонската асоцијација за рударство – МАР бара Владата и Министерството за економија да ја одложат примената на новиот тарифник за концесии со кој се предвидува зголемување на концесискиот надомест во рударството.

Претседателот на МАР Николајчо Николов на денешната седница на Асоцијацијата, на која присуствуваше и министерот за економија Ваљон Сарачини, посочи дека во јавноста проструиле гласини дека по Нова година во сила ќе стапи нов тарифник во кој се предвидува зголемување на концесискиот надомест за речиси 50 отсто кај металите.

– Ако тоа е вистина би било многу лошо за нас зашто сите фирми веќе ги донесоа своите буџети, а токму концесискиот надомест има значителна улога во вкупното финансиско работење. Ќе побараме од Владата и Министерството за економија да се одложи примената на тарифникот и да ни се даде можност заеднички да продискутираме какви ефекти ќе има врз работењето, изјави Николов пред почетокот на седницата.

Тој посочи дека концесискиот надомест е значителен издаток кој мора да се планира кај сите фирми и ќе биде многу тешко доколку треба да се менуваат буџетите на фирмите и развојните планови.

– Рударството во последните години бележи одреден подем, но не смееме да донесеме одлуки кои ќе го закочат понатамошниот развој, рече Николов.

Потпретседателот на МАР Шефки Алити новиот тарифник го оцени како шок за бизнисмените, особено за оние кои имаат каменоломи и мермерни комбинати.

– Годинава беше многу тешка за каменоломите и мермерните комбинати, а не очекуваме подобрување ни во 2014 година, бидејќи во Македонија нема инвеститори на големи објекти какви што имаше порано, изјави Алити.

Нагласи дека растот на градежништвото имаше сосема мал позитивен ефект во работењето на каменоломите и додаде оти очекува тарифникот да се повлече и дека нема да стапи во сила во 2014 година.

На тоа министерот Сарачини одговори дека веќе е одложено воведувањето на новиот тарифник за плаќање на концесиски надомести за да им се излезе во пресрет на барањата на концесионерите.

– Македонија има најевтин тарифник за плаќање на концесиски надоместоци. Цените се за 10 до 20 отсто пониски во однос на регионот. Од друга страна ако се види профитот на компаниите кои го остваруваат во Секторот рударство мислам дека е редно значителен дел од тоа да оди како приход на државата. Сепак, ние никогаш нема да донесеме одлука која ќе биде лоша за бизнис секторот, изјави Сарачини.

Тој рече дека Владата  секогаш разговара со бизнисмените пред да донесе одлуки кои влијаат на нивниот бизнис.

– Доколку се усогласиме тарифникот ќе биде донесен на Владата, но никогаш нема да биде донесен тарифник со цени повисоки од макар една земја во регионот. Секогаш цените ќе бидат изедначени или пониски од регионот зашто примарна цел на оваа Влада е да има компаративни услови за правење бизнис во Македонија, потенцира Сарачини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП