ПочетнаЗДРАВЈЕ99 отсто од срцевите удари имаат исти предупредувачки знаци

99 отсто од срцевите удари имаат исти предупредувачки знаци

Речиси секој срцев или мозочен удар може да се предвиди навреме, а научниците сега тврдат дека постојат четири предупредувачки знаци кои не треба да се игнорираат.

Ново обемно истражување, спроведено врз повеќе од девет милиони возрасни лица од Јужна Кореја и САД, покажало дека дури 99 отсто од луѓето кои доживеале сериозен кардиоваскуларен настан претходно имале барем еден од четирите главни фактори на ризик – покачен крвен притисок, зголемен холестерол, покачено ниво на шеќер во крвта или биле пушачи.

Најчестиот ризик фактор бил токму високиот крвен притисок. Според податоците, повеќе од 93 отсто од пациентите кои доживеале срцев удар, мозочен удар или срцева слабост претходно имале дијагностицирана хипертензија.

Главниот автор на студијата, кардиологот Филип Гренланд од Универзитетот Нортвестерн, вели дека резултатите испраќаат јасна порака.

„Сметаме дека студијата многу убедливо покажува дека изложеноста на еден или повеќе неоптимални фактори на ризик пред појавата на овие кардиоваскуларни удари е речиси 100 отсто. Мора да биде вложен поголем напор во контролата на овие ризик фактори врз кои можеме да влијаеме“, истакна Гренланд.

Истражувачите нагласуваат дека овие сознанија ги доведуваат во прашање тврдењата дека срцевите удари сè почесто се случуваат без присуство на традиционалните ризици.

Во меѓувреме, друго истражување на Клиниката Мајо открива дека причините за срцев удар кај жените често се разликуваат од оние кај мажите. Додека кај мажите во 75 отсто од случаите причината е затнување на артериите, кај жените тоа е случај во помалку од половина од инфарктите.

Кај 34 отсто од жените, срцевиот удар бил предизвикан од нарушена рамнотежа меѓу потребата на срцето за кислород и неговото снабдување, состојба која може да биде поврзана со анемија, инфекции и други здравствени проблеми.

Кардиолозите предупредуваат дека препознавањето на вистинската причина за срцевиот удар е подеднакво важно како и неговото лекување.

„Разбирањето зошто дошло до срцев удар може да биде разликата меѓу закрепнување и повторно појавување на болеста“, посочува кардиологот Клер Рафаел.

Новите научни сознанија испраќаат јасна порака – контролата на крвниот притисок, холестеролот, шеќерот во крвта и откажувањето од пушењето може да спасат илјадници животи.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП