4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Заедничката уплата на данок и придонеси, која требаше да почне во Србија на 1 јануари, ќе биде одложена до 1 март, најави српската Даночна управа. Причина за одложувањето, како што е објаснето, е неподготвеноста на големите системи 11 образци да ги заменат со една даночна пријава, која ќе се предава само по електронски пат, со употреба на квалификуван дигитален сертификат.

Загреб – Цените на недвижностите на хрватскиот пазар во ноември се повисоки за 0,7 отсто во однос на претходниот месец, додека во однос на истиот месец лани се пониски за 4,3 отсто. Во ноември 2013 година, во однос на октомври, цените на недвижностите во Загреб се повисоки за 0,4 отсто, додека на годишно ниво опаднаа за 5,2 отсто, јави хрватскиот Т портал. Просечната цена на становите во Загреб, во октомври изнесувала 1.569 евра по метар квадратен, што е 0,1 отсто помалку од октомври 2012 година.

Брисел – Европската комисија казни осум банки од ЕУ и САД со 1,71 милијарда евра, поради тајно договарање со цел да профитираат од деривативните хартии од вредност. Банките се казнети поради местење на каматните стапки, еуробор и тибор. Комесарот за конкуренција Јоаким Алмунија рече дека најлошо е што во скандалот со меѓубанкарските стапки Либор и Еуробор во картелот се договарале банки кои треба меѓусебно да се натпреваруваат. Тоа се банките „Барклис“, „Дојче банк“, „Кралската банка на Шкотска“ (РБС), „Сосиете Женерал“, „Креди агрикол“, ХСБЦ, „Џеј-Пи Морган“, УБС, „Ситигруп“ и „РП Мартин“.

Лондон – Владата на Велика Британија ќе го стави на продажба својот пакет акции од 40 отсто од капиталот на транспортната компанија „Јуростар“. „Јуростар“ врши превоз на брзите пруги меѓу Велика Британија и континентална Европа, на железничките линии кои го поврзуваат Лондон со Париз, Брисел и многу други градови во Франција, Холандија и Германија. Дел од трасата поминува под Ламанш, а „Јуростар“ управува со тунелот.

Рејкјавик – По финансискиот колапс во 2008 година Исланд има намера да ги отпише хипотеките на граѓаните и да ги ослободи од плаќање на данок на три години. Според новите мерки за стопански раст, на секое домаќинство кое има долг за станбен кредит, владата ќе отпише 24.000 евра. Во оваа земја од само 32.000 жители, проблематичните хипотеки изнесуваат дури 1,25 милијарди долари и влијаат на курсот на домашната валута круната. Вкупната вредност на исландската економија се проценува на 14 милијарди долари. Повеќе од половината од отпишаниот долг се директни хипотекарни кредити кои Исланѓаните нема да мораат да го враќаат, а остатокот од износот е од данокот за граѓаните во следните три години.

Вашингтон – Американските банки и другите финансиски институции, откако неочекувано го воведоа Волкеровото правило, повторно ќе се најдат под контрола. Пет контролно-надзорни институции на САД одговорни за финансискиот систем на земјата, ќе се изјаснат за донесување на закон со кој на банките и другите финансиски компании ќе им се забрани да вршат трговски операции со сопствени средства, инфотмира „Волстрит Џурнал“.

Москва – Околу 10 отсто акции на рускиот државен авионски превозник „Аерофлот“ можат да бидат дадени на продажба во 2014 година, објави весникот „Ведомости“. Тоа треба да го зголеми уделот на акции во слободниот промет од четири до шест на 16 отсто и да го определи нивото на пазарната цена пред планираната приватизација на компанијата. Постигната е прелиминарна согласност од сите страни, но крајната одлука е на Агенцијата за управување со државен имот (Росимушчество), објасни тој и додаде дека се уште не се избрани ни организатори за понуда на акциите.

Виена – Цените на становите во Виена во првиот квартал во 2013 година повторно се зголемија. Становите во Виена во рок од една година поскапеа во просек за 12 проценти, па просечната цена на метар квадратен изнесува 4.241 евро. Основи за пресметка на оваа просечна цена биле цените на 16.600 огласи за продажба на станови на овој портал. Се споредувал првиот квартал од оваа година со истиот период во 2012 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП