МАКЕДОНИЈА

Нови измени на Законот за возила: Електронска контрола на регистрацијата, осигурувањето и техничката исправност, построги правила за техничките станици

Електронска проверка на регистрацијата, осигурувањето и техничката исправност, нови обврски за сопствениците на возила и построг надзор над станиците за технички преглед предвидуваат предложените измени на Законот за возила. Со новите решенија се планира и проширување на Регистарот на возила, воведување еколошка категоризација и дополнителни казни за прекршување на законските обврски.

Предложените измени и дополнувања на Законот за возила, кои се наоѓаат во собраниска процедура, предвидуваат значителни промени во начинот на евиденција и контрола на возилата во земјава. Една од главните новини е воспоставувањето електронски систем преку кој надлежните институции ќе можат да проверуваат дали возилата имаат важечка регистрација, задолжително осигурување и потврда за техничка исправност.

Според предложените решенија, сите возила ќе добиваат унифицирани налепници, додека проверката на нивниот статус ќе се врши електронски. На тој начин, контролата нема да зависи исклучиво од визуелниот изглед на налепницата, туку од податоците внесени во електронските евиденции. Податоците за сопственикот нема да бидат јавно достапни преку налепницата. За отстранување, оштетување, преправање, уништување, пренесување или користење на налепница на друго возило е предвидена глоба од 500 евра.

Еколошката категоризација се предлага да биде во три групи. Иако налепниците ќе бидат исти по изглед, еколошката категоризација на возилата останува. Автомобилите ќе се распределуваат во три категории – зелена, жолта и црвена, во зависност од еколошкиот стандард и измерените емисии на издувни гасови. Во зелената категорија ќе бидат опфатени возилата со стандард „Еуро 5“ и повисок, електричните и хибридните возила, како и одредени возила со стандарди „Еуро 3“ и „Еуро 4“ кои имаат вградени системи за погон на плин или дополнителна опрема за намалување на емисиите. Жолтата категорија ќе ги опфаќа возилата со стандарди „Еуро 3“ и „Еуро 4“, додека во црвената ќе бидат оние со „Еуро 2“ и пониски стандарди, како и возилата за кои производителот нема утврдено податоци за емисиите на издувни гасови.

Категоризацијата ќе ја вршат овластени технички служби, врз основа на соодветна документација и мерења. Трошоците ќе ги покриваат сопствениците, а висината на надоместокот дополнително ќе ја утврди министерот за енергетика. Предвидени се и одредени исклучоци од оваа обврска за службени возила и возила на определени категории лица со попреченост и сериозни здравствени состојби.

Сопствениците ќе мора да ги ажурираат телефонскиот број и електронската адреса. Со измените се воведува и нова обврска за сопствениците на возила. При промена на контакт-податоците, тие ќе треба во рок од најмногу три дена да го пријават новиот мобилен телефонски број и електронската адреса во овластено правно лице за технички преглед.

За непочитување на оваа обврска е предвидена глоба од 100 евра. Целта е институциите да располагаат со ажурирани податоци за полесна комуникација со сопствениците, особено при доставување известувања за сообраќајни прекршоци и други постапки поврзани со возилата. Предложените законски измени предвидуваат проширување на Регистарот на возила, кој ќе содржи подетални информации за возилата и нивните сопственици.

Покрај податоците за регистрацијата, регистарските таблички и сопственоста, ќе се евидентираат и резултатите од техничките прегледи, измерените емисии на издувни гасови, поминатата километража, осигурувањето, промените на сопственоста, увозот, извозот и уништувањето на возилата. Во системот ќе се внесуваат и податоци за еколошките налепници, стручните испити, техничките потврди и сертификатите.

Обврска за редовно, односно секојдневно електронско внесување на податоците ќе имаат повеќе институции и правни лица, меѓу кои МВР, Царинската управа, Националното биро за осигурување, овластените технички служби и правните лица што вршат технички прегледи.

Нотарите ќе треба да ја евидентираат промената на сопственоста истиот ден кога ќе го заверат договорот. Пристап до регистарот ќе имаат повеќе државни институции, министерства, локалните самоуправи, нотарите, извршителите и овластените технички служби. Податоците за одјавените возила ќе се чуваат 20 години. За невнесување или ненавремено внесување на податоците се предвидуваат казни, меѓу кои 50 евра за овластени службени лица и 5.000 евра за одредени правни лица, додека за одговорното лице во техничка служба е предвидена глоба од 500 евра.

Предвидени се и построги контроли на станиците за технички преглед. Измените предвидуваат и заострување на условите за работа на станиците за технички преглед и овластените технички служби. Тие ќе мора да располагаат со соодветни простории, опрема и стручен кадар, а контролите ќе опфатат и правилно мерење на издувните гасови, исправноста на сопирачките и системот за управување, како и почитувањето на пропишаните процедури.

Инспекцискиот надзор ќе опфаќа и проверка дали податоците редовно се внесуваат во електронскиот систем. Доколку се утврдат неправилности, на правното лице може да му биде изречена забрана за вршење технички прегледи во рок од 30 дена, во кој треба да ги отстрани недостатоците. Доколку тоа не го направи, може да му биде одземено овластувањето, а со тоа и правото да врши идентификација и оценување на техничката состојба на возилата.

Казните за правните лица ќе зависат од нивната големина и може да достигнат до 10.000 евра. Дополнителен надзор е предвиден и врз стручниот кадар. Испитите за вработените во техничките служби ќе се снимаат и контролираат, а полагањето на одредени испити ќе се емитува во живо на веб-страницата на Министерството за енергетика.

Предвидени се и нови можности за регистрација на возила. Меѓу предложените решенија се и одредби што отвораат можност за регистрација на одредени возила кои досега не можеле да го остварат тоа право, меѓу кои трактори, приклучни возила и други категории возила, под услови утврдени со закон. Со ова се предвидува уредување на статусот на возилата што досега не биле опфатени со редовните постапки за регистрација.

Предложените измени имаат за цел да воспостават пообемна електронска евиденција, да ја зголемат контролата врз техничката исправност и еколошките карактеристики на возилата и да го заострат надзорот над правните лица што вршат технички прегледи. Дали и во каква форма новите правила ќе почнат да се применуваат ќе зависи од нивното усвојување во Собранието и од донесувањето на потребните подзаконски акти.

И.П.