ПочетнаЕКОНОМИЈАСо тендер од 1,5 милиони евра, храната за граѓаните во социјален ризик,...

Со тендер од 1,5 милиони евра, храната за граѓаните во социјален ризик, наместо во народни кујни, во Скопје се дели на улица

Центарот за граѓански комуникации го објави најновото истражување кое се однесува на јавна набавка за готови оброци за корисниците на Народните кујни. Тендерот е на Министерството за социјална политика, а е тежок 1,5 милиони евра. Наодите покажуваат дека храната наместо во народните кујни, во Скопје таа се дели на улица, а тоа е спротивно правилата кои се наведени во тендерската документација.

Храната не се дели во просториите наведени во тендерската документација Тендерот насловен „Набавка на готови оброци за корисниците на Народни кујни“ спроведен од Министерство за социјална политика, демографија и млади и врз основа на него е склучен договор за јавна набавка на 24 септември 2025 година во вредност од 89.775.000 денари, односно 1.459.756 евра, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Според нив, тендерската документација предвидува, фирмата што ќе го добие тендерот да ги подготвува, да ги доставува и да ги сервисира готовите оброци за корисниците на народните кујни на посочени 9 локации на територија на град Скопје. Под готов оброк се продразбира однапред приготвен ручек наменет за дистрибуција до крајните корисници, кој е соодветно складиран и транспортиран во согласност со важечките стандарди за безбедност на храна. Корисниците добиваат само еден оброк дневно – ручек, кој се доставува секојдневно, од понеделник до петок. За деновите сабота и недела се доставуваат ладни оброци, односно ланч-пакети во петок. Но тендерската документација е едно, а реалноста друго, додаваат од ЦГК.

„На терен, народните кујни веќе не постојат, ниту пак ги имало со години наназад. Воедно, во најголем дел од просториите наведени и во тендерската докумнетација (месни заедници, просториите на здруженија на пензионери, центри за социјална работа) не се создадени услови за сервисирање и за конзумирање на храната од страна на корисниците. По првичното воочување дека во просториите наведени во тендерската документација веќе со години не се дели храна, следуваа обиди вистинските локации каде што се делат оброците да се добијат преку Министерство за социјална политика, демографија и млади и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје. Обидите да се добијат овие информации беа безуспешни и добиено е објаснување дека локациите им се соопштуваат само на корисниците на народните кујни. Со ваквиот одговор добиен од вработените во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје се стекна впечатокот дека доставувањето и сервирањето на оброците се врши во затворени простории. Но, при потрагата на посочените локации на терен, се дојде до конкретните сознанија изнесени во оваа студија на случај“, стои во истражувањето на ЦГК.

Според сознанијата добиени на терен, од ЦГК велат дека храната се дели на 9 локации, и тоа на 7 од нив на улица, а само во 2 во внатрешни простории, и тоа во бараката на Здружението на пензионери во Бутел и во просториите на поранешниот Центар за социјални работи во Шуто Оризари. Но, и на овие 2 локации, просториите служат само за да се остави храната од добавувачот и да се подигне од страна на корисниците.

Од друга страна од Центарот за граѓански комуникации велат дека министерството не ја испочитувало законската обврска и побараните информации не им биле доставени, по што ЦГК достави жалба до надлежната Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Но поради немањето раководни лица, односно директор и заменик на директорот, Агенцијата не одлучува по примените жалби.

„Според член 116 став 2 од Законот за јавните набавки (ЗЈН), договорот за јавна набавка се склучува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и понудата. Истовремено, договорните страни, во согласност со член 117 став 1 од ЗЈН, го извршуваат договорот за јавна набавка во согласност со условите утврдени во тендерската документ ација и избраната најповолна понуда. Имајќи го предвид изнесеното, во фазата на реализација на договорот не е дозволено менување на условите, односно во конкретниов случај, договорните страни се обврзани договорот да го реализираат во согласност со условите утврдени во тендерската документација и со избраната најповолна понуда. Според член 117 став 2 од ЗЈН, договорниот орган е должен да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба е во согласност со условите од договорот. Дополнително, со направените измени кои не се во согласност со ЗЈН и со кои храната се дели на улица, се нарушува достоинството на лицата во социјален ризик и тие се изложуваат на стигматизација. Луѓето чекаат на ред во паркови и улички изложени на туѓи погледи и при лоши временски услови. На овој начин, наместо социјална поддршка, добиваат чувство на понижување“, стои во истражувањето.

Воедно, непостоењето прецизни информации за локациите и за бројот на корисници го ограничува јавниот надзор на реализацијата на договорот, создавајќи простор за дополнителни нерегуларности.

Следниот проблем воочен во текот на реализацијата на овој договор за јавна набавка е, секако, времето на дистрибуција. Наспроти наведените 2 часа на траење на доставувањето храна, што би било логично ако храната се дели и се послужува во затворени простории, во пракса, храната се дели во просек 15-ина минути. Присутните корисници на локациите дури тврдат дека доаѓаат порано од вообичаеното време на доаѓање на комбињата за да не го пропуштат, и со тоа да го загубат правото да добиваат храна.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП