3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈанчевски: Каматите на кредитите нема да растат

Јанчевски: Каматите на кредитите нема да растат

Janchevski

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски очекува до крајот на годинава и во наредната да продолжи трендот на пад на каматите на кредитите, забележан последните две години.

– Македонија има стабилна макроекономска состојба и ниска инфлација, а банките се полни со пари. Нема логика во услови кога нема пласман за тие пари каматните стапки да растат, изјави Јанчевски по прославата по повод добиената награда „Банка на годината во Македонија за 2013 година“ од финансискиот магазин „The Banker“.

Тој посочи дека во прилог на тоа одат и најновите мерки на Народната банка да не се плаќа камата на задолжителната резерва и со кои банките повеќе се упатуваат на седмодневни депозити кај кои има минимална камата, отколку на благајнички записи каде каматната стапка е 3,25.

– По овие мерки најверојатно ќе следи и паѓање на каматите на депозитите што значи дека не очекувам дека каматите на кредитите ќе растат.

Ќе има и зголемено кредитирање со оглед на фактот што економијата во Македонија за годинава може да се каже дека е на пат на опоравување и бележи некој пораст.

Сето тоа ќе има влијание банкарскиот сектор да дава повеќе кредити, прецизира Јанчевски.

Нагласи дека НЛБ Тутунска банка после застојот во кредитирањето што го имаше во претходната година и првата половина од годинава ќе се фокусира на кредитирање на мали и средни претпријатија и на населението со задржување на големите корпоративни клиенти.

– Трендот на нефункционалните кредити се движи на нивото на претходниот месец. Тоа не е некоја алармантна бројка за да предизвика грижа кај банките.

Процентот на нефункционални кредити е повисок кај фирмите, додека населението е поуредно во
враќањето на своите обврски, рече Јанчевски.

Прашан на што се должи прогласувањето по шести пат на НЛБ Тутунска банка за Банка на годината во Македонија, Јанчевски рече дека тоа не е случајно.

– Успехот не е случајност, туку значи долга и макотрпна работа, визија и стратегија, посветеност и ентузијазам на вработените, поддршка од нашите акционери и пред се лојалност на клиентите, истакна Јанчевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП