ПочетнаЕКОНОМИЈАКафеанската инфлација го јаде ќебапот

Кафеанската инфлација го јаде ќебапот

Цените во кафеаните и рестораните тивко, но упорно се искачуваат, а тоа веќе јасно се чувствува во џебот.

Угостителството во Македонија во изминатата година забележа раст на цените од речиси 5 проценти, но за редовните гости таа бројка изгледа и поголема.

Менито што до вчера важеше за „солидно“, денес е причина луѓето двапати да размислат дали да седнат на ручек надвор или да се вратат дома.

Граѓаните велат дека поскапувањата не доаѓаат одеднаш, туку капка по капка.

„Еднаш ќе поскапи кафето, друг пат салатата, па скарата. Ништо драматично на прв поглед, ама кога ќе ја собереш сметката – боли“, раскажува еден редовен посетител на скопските кафеани.

Според него, впечатокот е дека ценовниците се коригираат речиси секој месец, исто како во маркетите, само што тука сметката завршува многу повисоко.

Познавачите на состојбите во угостителството објаснуваат дека притисокот доаѓа од сите страни – повисоки цени на храната, енергенсите, кириите, платите.

„Угостителите одамна работат на тенка линија меѓу тоа да ги покријат трошоците и да не ги одбијат гостите. Во вакви услови, корекциите на цените се неминовни“, велат експерти за секторот.

Но, додаваат дека проблемот е што растот на цените не оди паралелно со растот на примањата.

Токму затоа, сè почесто се слушаат споредби со соседството. За многумина, викенд патувањето до Врање веќе не е само прошетка, туку и економска пресметка.

„Со истите пари што тука ќе ги дадеш за едно семејно седнување, таму јадеш посолидно и поопуштено“, велат граѓани кои редовно ја минуваат границата.

Според нив, ручек за четиричлено семејство во Македонија лесно надминува 50 евра, додека во Врање може да се помине и со околу 30 евра – и тоа со повеќе јадења на маса.

Аналитичарите предупредуваат дека ваквите споредби не се случајни и дека тие се сигнал за губење на конкурентноста.

„Кога луѓето почнуваат да ја мерат цената на ручекот со километри, тоа значи дека нешто не е во рамнотежа“, оценуваат тие.

Дел од нив сметаат дека проблемот не е само во цените, туку и во перцепцијата – чувството дека за сè плаќаме повеќе, а добиваме исто или помалку.

Во меѓувреме, кафеаните остануваат полни, но со поинаква динамика. Помалку нарачки, повеќе делење порции, подолго седење со едно кафе. Луѓето не се откажуваат лесно од навиката да излезат, да седнат, да разговараат… ама сè почесто го прават тоа со пресметка во глава и со воздив на крајот од сметката.

И некако, додека ја гледаат последната ставка на фискалната, многумина си помислуваат: можеби следниот викенд… ќе биде преку граница.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП