Она што го пиеме во текот на денот може да има многу поголемо влијание врз нашето здравје отколку што можеби мислиме, покажува една голема долгорочна студија.
Начинот на кој ги комбинираме пијалаците може да биде поврзан со подолг животен век, а не само со нашата непосредна хидратација.
Станува збор за кафе и чај, во комбинација со доволна количина вода. Студија спроведена од Универзитетот во Кембриџ покажала дека луѓето кои во текот на денот комбинирале вода, кафе и чај имале помал ризик од смрт во споредба со оние кои претежно пиеле само еден вид пијалак, објавува „Vogue“.
Студијата опфатила повеќе од 180.000 возрасни лица во Обединетото Кралство, кои биле следени во период од 13 години. Учесниците пријавувале колку кафе, чај и вода пиеле дневно, како и други животни навики и податоци за здравствената состојба. Најповолен ефект бил забележан кај однос од две шолји кафе и три шолји чај дневно, додека прекумерната консумација на кафе или потпирањето исклучиво на вода биле поврзани со понеповолни здравствени исходи.
Авторите нагласуваат дека станува збор за опсервациска студија, што значи дека таа укажува на поврзаност, а не на директна причинско-последична врска.
Сепак, резултатите се во согласност со досегашните научни сознанија. Кафето и чајот содржат растителни соединенија, како што се антиоксидансите, додека водата ги поддржува основните телесни функции. Анализата покажува и дека самата вода не била поврзана со најдобрите резултати, туку како дел од разновидна дневна комбинација на пијалаци.



