9 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Американскиот бизнисмен Доналд Трамп ќе испрати тим соработници за да ги разгледаат локации во Србија на кои би можело да биде изградба на ексклузивен хотел од хотелскиот ланец „Трамп“. Ваквата одлука била донесена на средба на српскиот премиер Ивица Дачиќ со Трамп во Њујорк, на кој станало збор за потенцијална инвестиција. Трамп е сопственик на осум хотели и многу недвижности, главно на територијата на САД. Неговите хотели практично се големи центри во кои се наоѓаат ресторани, галерии, коцкарници, голф-клубови, скејт паркови, кафулиња и шопинг и спа центри.

Белград – Почетокот на изградбата на гасоводот „Јужен поток“ на територијата на Србија свечено ќе биде одбележан со церемонија во недела на 24 ноември. Дел од гасоводот, според најавите, ќе биде граден низ Србија околу две години, а неговата вредност е милијарда и 925 милиони евра.

Сараево – Околу 16.000 граѓани од Србија кои примаат пензии од Федерацијата Босна и Херцеговина мора да пополнат и заверат образец „Потврда за живот“. Тој образец до крајот на годината треба да го достават до Федералниот завод, соопшти Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Србија. Тој образец повеќе нема да се добива по пошта, туку пензионерите можат да го преземат на шалтери на филијалата на Фондот или на веб страните: www.pio.rswww.zso.gov.rs и www.fzmiopio.ba.

Лондон – Хрватската Влада мора да ги забрза реформите за да го подобри деловното опкружување и да ја зголеми конкурентноста на стопанството, порача Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Во годишниот извештај за транзицијата на ЕБРД, се наведува дека на Хрватска и е неопходна и реформа на пазарот на трудот и на јавната управа. Изминатите години постигнат е само ограничен напредок во подобрувањето на деловното опкружување и јакнење на конкурентноста, што е клучен приоритет за хрватското стопанство во 2014 година, истакна ЕБРД.

Љубљана – Министрите за надворешни работи на Словенија и Хрватска, Карл Ерјавец и Весна Пусиќ се уште не успеаја да најдат заеднички јазик по прашање за меморандумот за „Љубљанска банка“. Како што пренесуваат словенечките медиуми, Ерјавец не го крие незадоволството од состанокот во Загреб, каде тој и неговата хрватска колешка не успеаја да се договор околу Меморандумот, што усогласен во март. Пусиќ на состанокот го отфрлила барањето на Ерјавец, Хрватска  да го признае Меморандумот како меѓународен договор, кој е над хрватските закони и да го објави во службен весник.

Берлин – Германскиот специјализиран ланец на продавници за уредување градини и куќи „Баухаус“ реши наместо во Копер, новиот трговски центар да го отвори во Пула. Словенечките медиуми за тој факт пред се го посочија лошиот однос на администрацијата кон странските инвеститори. Се чини дека сепак пресуди поволниот деловен простор кој германскиот трговец го најде во Пула.

Берлин – Германија мора да се подготвува да воведе единствен национален стандард за минимална плата, рече германската канцеларка Ангела Меркел. Со тоа канцеларката потврди дека попуштила пред барањата на можните идни партнери во евентуална нова коалициона влада. – Социјалдемократите нема да ги завршат преговорите без единствена минимална плата, рече таа пред разговорите околу основањето на голема коалиција.

Москва – Доларот е пред крах, па руските граѓани треба да се заштитат од можен стрмоглав пад на вредноста, смета пратеникот на опозициската Либерално демократската партија на екстремниот десничар Владимир Жириновски, Михаил Дегтарјев. Дегтарјев до Думата достави нацрт-закон за забрана на употреба на американската валута доларот во Русија. Иако расправата по предлогот се уште не е почната расправа, голем број пратеници не веруваат дека ток ќе добие зелено светло.

Вашингтон – Извршниот директор на „Мајкрософт“ Стив Балмер присуствуваше на својот последен годишен собир на акционери на компанија. Тој овој пат не заплака затоа што заминува, но за малку тоа ќе го направеше Бил Гејтс. Имено, емотивниот шеф на „Мајкрософт“ речиси заплака зборувајќи за новиот директор на компанијата. Се уште не се знае кој ќе го наследи Балмер, но Гејтс објасни дека се вршат интервјуа и надвор и внатре во компанијата.

Пекинг – Кина денес има 157 милијардери и се наоѓа на второ место на светот, веднаш зад САД. На прво место се САД со 515 милијардери, додека Хонг Конг е на седмо место со 75 милијардери, рече претседателот на кинескиот огранок на меѓународната банкарска корпорација „УБС Лимитед“, Џин Џисјанг. Според него, просекот на годините на кинеските милијардери е 53, што е девет години помалку од европскиот просек. Бројот на богаташите во текот на оваа година во однос на лани најмногу е зголемен во Азија, за дури 12,9 отсто. Европа е единствен континент кој бележи пад на бројот на граѓаните со повеќе милијарди и тоа за 3,6 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП