ПочетнаЕКОНОМИЈА10 лоши навики што тивко ни го празнат џебот

10 лоши навики што тивко ни го празнат џебот

Некои трошења се како лоши навики — не ги забележуваме додека не нè удрат по џебот. Не се работи за луксузи или за скапи каприци. Не. Туку за тие секојдневни ситници што се лепат една врз друга, како кал на обувки.

И кога ќе направиш пресметка на крајот од месецот – се прашуваш: Каде ми отидоа парите?

Еве ги оние 10 незабележливи, но скапи ритуали што ги практикуваме речиси автоматски – а нè чинат повеќе отколку што мислиме.

Кафе за носење – секое утро
На прв поглед, 100 денари за кафе не звучат страшно. Но, помножи го тоа со 22 работни дена во месецот… и еве ти едно ново палто, или пак сметка за струја.

Згора на тоа, често купуваме и некое кроасанче. И така – незабележливо.

Претплати што не ги користиме
Netflix, Spotify, Amazon Prime, YouTube Premium, апликации за вежбање, медитација, јога… и уште неколку што не знаеш ни кога си ги активирал.

Сè додека не ти стигне извод од банка и не си речеш: Од каде сега ова?!

Шопинг за „терапија“
Кога ти е денот тежок, а нервите тенки, во еден момент одлучуваш дека нова маичка ќе те израдува.

И навистина, ќе те израдува – но само 10 минути. После тоа, остануваат само кесите и празното салдо.

Храна со достава
Не ти се готви, нормално. Минуваш покрај фрижидер полн со намирници и… пак нарачуваш. Удобно, брзо, но трипати поскапо отколку да си свариш макарони и да фрлиш малку сирење. Или, барем јајца.

Цигари и ситни пороци
Да не навлегуваме премногу – знаете и сами. Две кутии неделно веќе се 1.500 денари месечно. Додадете пиво тука, енергетски пијалак, коцкање „на ситно“… и стигнувате до сума со која можете да купите нешто значајно.

Или да заштедите. Ама тешко, нели?

Полн резервоар за секоја кратка релација
Пеш? Со автобус? Со велосипед? Или да скокнеш до продавница 400 метри подолу – ама со кола. Горивото не е евтино. А и некој филтер секогаш ќе се јави за менување.

Спонтано „нешто слатко“
Во маркет, по бензинска, на трафика – да, секогаш нè влече нешто слатко, без да имаме реална причина. Само навика. А десертите не се веќе 20 денари, туку 60, 70, па и повеќе.

Попусти што не се попусти
Кога ќе видиш -70% во некоја онлајн продавница, мозокот вреска „земи го!“. Иако не ти треба. Иако не е попуст, туку стара цена уфрлена за маркетинг трик. Завршуваш со уште една маица и уште една шлаканица за буџетот.

Купување вода и сокови надвор
Шише вода по 50 денари, секој ден? Кога дома можеш да си полниш и да носиш. Ама некако… нè мрзи. И некој газиран сок ќе се нафрли. И уште едно шише. И така…

Неупотребени намирници
Полниш фрижидер со добра намера – ќе готвиш, ќе се храниш здраво. Но потоа, ја фрлаш марулата, доматот се расипал, млекото скиснало. И на крај, трошиш и за достава, и за џанк-фуд. Фрижидерот не се полни сам – а не се ни јаде сам.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП