Кривичниот суд пресуди доживотен затвор за Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов за грабнување и за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, случај што ја потресе целата јавност. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинение.
Во образложението, судијата кажа дека на 27 ноември 2023 во седум часот, по насока на Палевски, Видевски и Манев ја грабнале Вања со намера од член на семејството да изнудат пари. Кога детето излегло од лифтот, ја чекале Видевски и Манев. Ја фатиле за устата и половината, ја совладале, заканувајќи ѝ се да не вика.
Во вреќата за спиење ја ставиле на стомак, Манев ја врзал за рацете и нозете, Видевски ѝ се заканил да не вика оти ќе пукаат, Манев ја ставил преку рамото и ја сместиле во гепекот на „ситроенот“ на веќе покојниот Панче Жежовски.
По насоки на Палевски, ја однеле на местото Дупки кај Бразда и изложувајќи ја на тешко психичко страдање, Палевски ја убил. Таа починала веднаш од куршумот што ѝ поминал низ мозокот, сѐ до пршлените.
Судењето против Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, траеше десет месеци.