25 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗСовети за подолг век на автомобилот

Совети за подолг век на автомобилот

odrzavanje

Издржливоста или безгрижниот век за користење на автомобилот, зависат од самиот сопственик, а не само од квалитетот на производство. Имено, во многу ситуации, возачите за непријатностите предизвикани од „непослушноста“ на автомобилот ги обвинуваат производителите, без ниту во еден момент да се запрашаат колку нивното користење и (не)одржување допринеле за настанатиот проблем. Нормално на ова не даваме алиби за грешките кои, реално, се случуваат кај сите прозводители на автомобили.

Во продолжение ќе ви наведеме на што треба да внимавате за да го продолжите животиниот век на вашето возило.

Возење со ладен мотор.

По долго мирување на возилото со исклучен мотор, маслото се слива во картерот, па така при стартување на моторот се создава најголемиот отпор и трошење на подвижните делови, затоа што во тој момент се најмалку подмачкани. Кога моторот ќе се стартува и додека не ја постигне работната температура, треба да возите на пониски вртежи. Дизелите до 2.000, a бензинците до 3.000 вртежи и без нагли забрзувања. При претерано ниски температури, работната температура се постигнува за 4-5km.

Избегнувајте загревање на моторот во место.

Како од еколошки, така и од финансиски причини, нема потреба да го загревате моторот во место. Имено, при овој чекор се загрева само моторот, а не и останатите делови од механиката потребни за менувачот.

Редовно менувајте го маслото.

Развојот на технологијата донесе и голем напредок и во производството на моторни масла, па така интервалот за замена се повеќе се продолжува, па некои производители велат и на интервал од 30.000 km. Треба да внимавате на тоа дека различни типови на возење може да влијаат за намалување на препорачаниот интервал за замена на маслото. Тука можеме да го сметаме честото возење на кратки релации со ладен мотор. Сепак, сметаме дека на маслото не треба да се штеди и да се менува на 15.000 km, затоа што влажноста на маслото е од големо значење за функционирањето на секој мотор. Кога купувате масло, купувајте проверени марки или оние кои ги препорачува производителот на автомобилот.

Редовен сервис.

Никако немојте да ги прескокнувате или пролонгирате сервисите. Покрај вообичаените проверки на течностите и замената на погонските ремени и филтри, во овластениот сервис ќе ја прегледаат и општата состојба на возилото и ќе ги идентификуваат евентуалните грешки или дефекти, кои вие неможете веднаш да ги забележите. Секако ви препорачуваме т.н. голем сервис да го направите во овластените сервиси, затоа што таа работа е најдобро да се одработи со најадекватните делови, а вие ќе добиете гаранција за завршената работа.

Разладете ја турбината.

Скоро сите денешни дизел мотори, а и дел од бензинските поседуваат турбина. Доколку сте сопственик на еден турбо мотор, секако морате да внимавате на ладењето на турбината. Имено, катастрофално е за турбината да се исклучи моторот веднаш по форсирано и забрзано возење на големи вртежи. Доколку пред застанувањето не сте го забавиле и смириле возењето на пониски вртежи, тогаш кога ќе застанете оставете го моторот да поработи во место 2-3 минути за да може маслото добро да проциркулира низ турбината.

Избегувајте пребрзо возење.

Овој совет, освен за заштеда на гориво, избегнувањето на плаќање на казни за пребрзо возење, позитивно ќе влијае на вашето возило, како на моторот, така и на другите делови од моторот. При брзо возење, односно при возење со големи вртежи доаѓа до големо напрегање на моторот, како и на елементите на пренос и суспензија. Поголемо напрегање предизвикува и големо абење на моторот со што се намалува неговиот век на траење.

Правилно проветрување.

По правило за автомобилот е најдобро да е во гаража, отколку кога е надвор и изложен на атмосферски влијанија. Единствен исклучок во оваа правило е влажната и недобро проветрената гаража. Во такви услови можно е создавање на влага во внатрешните делови на кабината или корозија на металните елементи. Ако сте во можност кога е времето сончево и ветровито оставете го автомобилот малку отворен. Доколку имате клима-уред, секако да ја вклучувате и во зимските месеци, барем 10 минути во 30 дена. Со тоа ќе го подмачкате целиот климатизациски систем и ќе го намалите истекувањето на разладната течност низ порозните делови на системот.

Редовно чистете го возилото.

Редовно чистење на возилото подразбира детално и темелно чистење на сите делови на возилото, од тркалата и нивните спојки, суспензијата (особено во зимски услови), чистење на вратите, хаубата и друго. Недозволувајте поголеми дамки подолго време да се задржуваат на каросеријата на вашето возило. Па така остранете го изметот од птиците, трагите од смола и слично.

Заштита од корозија.

Заштитата од корозија не се однесува само за старите автомобили. Имено и на новите модели добро ќе им дојде нанесување на восок на каросеријата, а на подвозјето посебни хемиски препаратите кои го штитат возилото од агресивната индустриска сол која се нанесува на патиштата во зимските месеци.

Чувајте ја суспензијата и гумите.

Знаеме во каква состојба се нашите улици. Накратко, во многу лоша. Многу дупки на улиците, лош квалитет на асфалт, високи „лежечки полицајци“, тротоари и слично. Поради тоа прилагодувајте го возењето за тие услови и избегнувајте да се качувате со возилото на тротоари, особено со голема брзина. На тој начин ги оштетувате гумите, а и целата суспензија на автомобилот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП