2 јуни, 2025
ПочетнаКОЛУМНИБанкарски советник: Како да го намалите стресот од пари, кредити и секојдневниот...

Банкарски советник: Како да го намалите стресот од пари, кредити и секојдневниот финансиски притисок

Ќе бидам многу искрен, секој ден разговарам со луѓе кои не можат да спијат од стрес поврзан со пари.

Кредити, картички, минус на трансакциска сметка, рати што доаѓаат… а платата иста.

Сето тоа остава трага и врз менталното здравје и врз квалитетот на животот.

Работејќи толку години во банкарството, а денес како личен банкарски советник, гледам дека најголемата причина за финансиски стрес не е самиот долг, туку чувството дека не ја контролираш ситуацијата.

Постојат 3 главни извори на стрес:

1. Непозната месечна слика

Многу луѓе не знаат колку точно плаќаат месечно – рата од кредит, кредитна картичка, плус провизии, плус камата на дозволено пречекорување.

Кога ќе се собере сè – бројката е многу повисока од она што мислат.

2. Непланирано трошење

Емоционално купување, „мали задоволства“ што се трупаат… или уште полошо – купување на рати без да се размисли дали ќе се има капацитет за враќање.

Ова е еден вид конзумеризам кој на краток рок носи уживање, но на долг рок анксиозност.

3. Недостиг на финансиска стратегија

Немање на јасен план, без приоритети, без буџет. Сè е од месец за месец.

Во такви услови, секој неочекуван трошок станува криза.

И што можеме да направиме?

Еве нешто што секој може да го направи уште денес – без магија и без апликации:

1. Напишете на лист хартија колку должите и на кого

Не е страшно. Страшно е да не знаете.

Напишете колку е ратата за кредитот, каматата, провизијата. Направете реална слика.

2. Направете листа на сите трошоци – фиксни и променливи

Колку плаќате месечно за обврски, градинки, храна, кафиња, транспорт, забава?

Можеби не треба да ги скратите сите – ама кога ќе ги видите црно на бело, ќе ви стане појасно каде ви „бегаат“ парите.

3. Стопирајте со импулсивните купувања

Не мора да се „задоволуваш“ со секој нов гаџет, нова облека, нов кредит за одмор.

Тие не ви го купуваат мирот – туку ви го одложуваат проблемот.

4. Побарај финансиски совет – од личност која ги познава работите, не од реклама

Банката ќе ви го понуди она што ѝ одговара неа. Трговецот исто.

Ако сакате решение за себе – барајте совет од некој што работи за вас, не за институцијата.

Она што можам да ви го кажам како лична порака е следново:

Пари ќе има – и ќе нема.

Кредити ќе земете – и ќе ги отплатите.

Но ако немате контрола врз финансиите, тогаш кредитот ве поседува вас, а не обратно.

А финансискиот мир не почнува со повеќе пари, туку со повеќе свест и одлука дека не сакате да живеете во притисок.

Мојата работа не е да ви продадам кредит, туку да ви помогнам да не дозволите финансискиот систем да ви ја диктира секоја одлука.

Вашиот Личен банкарски советник

Бранко Стојкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП