Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ѝ кажал на Канада дека ќе мора да плати 61 милијарда долари за да биде дел од неговиот предложен систем за ракетна одбрана „Златна купола“ „доколку останат посебна, но нееднаква нација“.
Во објава на TruthSocial, Трамп тврдеше дека Канада „многу сака да биде дел од нашиот фантастичен систем „Златна купола“ и дека ќе добие бесплатен пристап доколку се придружи на САД.
Учеството во предложениот одбранбен систем би ја чинело Канада „НУЛА ДОЛАРИ ако стане нашата сакана 51-ва земја“, рече Трамп, додавајќи дека „тие размислуваат за понуда!“
Соопштението на Трамп дојде само неколку часа откако канадскиот парламент беше домаќин на британскиот крал Чарлс III. во редок кралски говор во кој монархот го нагласи суверенитетот на Канада во „опасни и неизвесни“ времиња, среде повиците од американскиот претседател земјата да стане дел од САД.
По говорот на кралот, канадскиот премиер Марк Карни изјави за канадската јавна телевизија CBC дека се надева оти Канада ќе се приклучи на програмата ReArm Europe до 1 јули, во обид да се намали зависноста од американското оружје.
Канада не одговори веднаш на последниот коментар на Трамп, но Карни претходно потврди дека неговата земја одржала разговори на „високо ниво“ за прашањето на одбранбениот систем со САД.
Финансирањето и временската рамка се неизвесни
Трамп тврди дека системот „Златна купола“ ќе чини вкупно околу 175 милијарди долари и ќе биде завршен до крајот на неговиот тековен мандат во 2029 година, иако експертите за одбранбената индустрија ја доведуваат во прашање изводливоста на овој временски рок и буџет.
Трамп се надева дека ќе обезбеди 25 милијарди долари почетно финансирање за системот преку сеопфатниот „Голем, убав закон“ што потоа ќе оди во Сенатот на гласање откако тесно го усвои Претставничкиот дом на САД, во кој доминираат републиканците, минатата недела.
Законот ги зголемува трошоците за војската и граничната контрола, а воедно ги намалува средствата за социјалните програми, вклучувајќи ги Медикејд и помошта во храна, кои им помогнаа на десетици милиони Американци со ниски приходи.
Златната купола е моделирана според израелската Железна купола, која исто така добива значително финансирање од САД, вклучително и 500 милиони долари годишно за одржување.
Не е јасно како Трамп би ја проширил Железната купола за да ја покрие цела Америка, бидејќи Израел е со големина само на Њу Џерси, една од помалите држави во САД.
„Железната купола“ е дизајнирана и да соборува ракети со краток дострел, од 1.000 км, додека главната закана за САД веројатно би доаѓала од балистички и хиперсонични ракети со долг дострел.
Златната купола ќе создаде „трка во вооружување во вселената“
Кинеското министерство за надворешни работи брзо реагираше, а портпаролката Мао Нинг изјави дека планот „го зголемува ризикот вселената да стане бојно поле, поттикнува трка во вооружување и ја поткопува меѓународната безбедност“.
„Соединетите Американски Држави ги ставаат своите интереси на прво место и се опседнати со потрага по сопствена апсолутна безбедност, што го нарушува принципот дека безбедноста на ниедна земја не треба да биде на сметка на другите“, рече Мао Нинг.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, исто така, одговори, велејќи дека САД се „решителни во своите напори за милитаризација на вселената“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во вторникот изјави дека проектот „Златна купола“ ги поткопува темелите на „стратешката стабилност“ бидејќи вклучува создавање на глобален систем за ракетна одбрана.
Според руската државна новинска агенција ТАСС, Захарова изјавила дека развојот на „Златната купола“ ќе доведе и до развој на „средства за уништување на ракети пред лансирање и инфраструктура за да се обезбеди нивна употреба“.
„Ова е веќе буквална манифестација на многу опасниот доктринарен курс на САД кон спроведување таканаречени превентивни, но во суштина први напади“, рече таа, предупредувајќи дека тоа ќе ја претвори вселената во „оружена средина“ и „арена на вооружен конфликт“.