23 мај, 2025
ПочетнаЗДРАВЈЕОвие намирници се полни со опасни пестициди

Овие намирници се полни со опасни пестициди

Во извештајот на Европскиот орган за безбедност на храната се анализирани 132.793 примероци од разни видови храна увезена во Европа, вклучувајќи овошје и зеленчук, и е утврдено дека два проценти од тестираните примероци ги надминуваат законските ограничувања за дозволени пестициди, што одговара на околу 3.000 производи.

Траги од забранети пестициди се пронајдени во зачини и билки како што се сушен босилек, магдонос и ким, но исто така и во грав, чили и мед. Високите нивоа на откриените супстанции можат да предизвикаат дигестивни проблеми, додека долготрајната изложеност е поврзана со развојот на рак.

Анализата покажа дека 42 проценти од производите содржеле остатоци од пестициди, но во количини што се сметале за безбедни.

Европската Унија има строги правила кога станува збор за пестициди, дозволувајќи само 0,1 микрограм на килограм производ.

Овошје и зеленчук во кои се пронајдени пестициди

Анализата покажа дека хемикалиите се пронајдени во непреработени производи како што се чили пиперки, змејско овошје, ким и лист од грозје. Некои видови храна, како што се чили пиперките, содржеа шокантно голем број различни пестициди – дури 37.

Анализата покажа дека преработените производи, како што се гравот и зачините, сочинуваат 10 проценти од небезбедните производи.

Долготрајната употреба предизвикува рак

Етилен оксид, пестицид кој не е одобрен во Европа, беше откриен во 40 примероци. Оваа хемикалија може да предизвика главоболки, гадење, дијареја и отежнато дишење. Долготрајната изложеност е поврзана и со развојот на рак.

Извештајот покажа дека најголемиот ризик доаѓа од храната увезена надвор од Европската Унија. Земјите од кои најчесто доаѓаа производи што не ги исполнуваа стандардите беа Турција, Индија и Египет.

Сепак, повеќето од овие пратки се запираат на границата. Нивоата на пестициди во производите од овие земји беа три пати повисоки отколку во производите од Унијата.

Извештајот, исто така, откри бројни неправилности кај производите од мед и ориз увезени од земји надвор од ЕУ. Тестирањето на интегрален (кафеав) ориз откри дека некои производи содржат трициклазол, пропиконазол, имидаклоприд и хлормекват хлорид – сите супстанции што се забранети во ЕУ.

Процент на примероци од овошје и зеленчук што содржат остатоци од пестициди:

Праски/нектарини 85 проценти

Грозје 84 проценти

Јагоди 83 проценти

Вишни 81 процент

Спанаќ 73 проценти

Јаболка 72 проценти

Бриселско зелје 50 проценти

Краставица 47 проценти

Домати 46 проценти

Кајсии 43 проценти

Зелка 39 проценти

Зелен грав 38 проценти

Високата изложеност на пестициди е опасна по здравјето

Систематски преглед од 2024-та година, објавен во списанието „Toxicology Reports“, покажа дека високата изложеност на пестициди може да биде поврзана со зголемен ризик од:

рак

неплодност

респираторни проблеми.

Земјоделските работници се најмногу изложени на ризик, а постарите лица, децата и неродените бебиња се особено чувствителни на штетните ефекти на пестицидите.

Употребата на пестициди се зголеми за речиси 60 проценти од 1990-та година.

Според Светската здравствена организација (СЗО), низ целиот свет се користат повеќе од 1.000 различни пестициди. Тие се користат во земјоделството за контрола на плевелите, наездата од инсекти и векторите на болести како што се комарците, крлежите, стаорците и глувците.

Тие им овозможуваат на земјоделците да го заштитат количеството и квалитетот на земјоделските култури.

Миењето или лупењето на овошјето и зеленчукот потенцијално може да ја намали изложеноста на пестициди, бидејќи ќе ги отстрани површинските остатоци, особено трагите од почва што може да содржат штетни бактерии.

Сепак, ова нема да ги отстрани сите пестициди бидејќи некои се „системски“, што значи дека се апсорбираат од растението кога се нанесуваат на семиња, почва или лисја, па затоа остатоците се присутни во самото овошје.

Министерството за земјоделство на САД (USDA) и Администрацијата за храна и лекови претходно изјавија дека остатоците од пестициди во храната генерално не претставуваат ризик по здравјето, сè додека се во рамките на законските ограничувања.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП