22 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАФустан од 700 евра, фризура од 150 евра – од матура до...

Фустан од 700 евра, фризура од 150 евра – од матура до банкрот

Прославата на матурската вечер во Македонија од година во година сè повеќе наликува на свадбена церемонија отколку на одбележување на крајот на средношколските денови.

Матурантите и нивните родители трошат илјадници евра за скапи фустани, одела, чевли, фризури, шминки, па дури и на шопинг-тури во Солун и во Софија.

Се поставува прашањето – дали ваквото трошење е оправдано?

Елена Николовска, мајка на матурантка од скопска гимназија, вели дека годинава матурските подготовки ја чинеле речиси 2.000 евра.

„Само фустанот го купивме во Солун и чинеше 550 евра, шминката и фризурата се околу 100 евра, чевлите 120, а на сето тоа треба да се додадат и други трошоци за свечен ручек со роднини и пријатели, што во нашиот случај беше дополнителни 1.000 евра. Сметам дека ова е премногу, но што да правиме кога сите матурантки се натпреваруваат која ќе изгледа поубаво“, вели Николовска.

Матурантот Дамјан Спасовски од Битола признава дека и тој потрошил повеќе отколку што планирал.

„Искрено, мислев дека ќе поминам поевтино, но оделото го купив во Софија за 300 евра, чевлите за 80, а со ручекот за роднините и пријателите отидовме на уште 600 евра. На крајот собравме сè, излезе дека сум потрошил речиси 1.000 евра за една вечер“, вели Спасовски.

Оваа практика ја потврдуваат и многу други матуранти и родители ширум земјата. Матурските прослави се претворени во престиж кој најмногу ги оптоварува родителите, кои во многу случаи се принудени да земаат кредити или позајмици за да не останат надвор од стандардот кој се наметнува од околината.

Социологот Љубица Маџовска посочува дека овие феномени се резултат на силниот социјален притисок кој доаѓа од општеството, но и од самите матуранти кои сакаат да бидат дел од трендовите.

„За жал, ова станува социјална норма која директно влијае на финансиската состојба на семејствата. Иако се работи за матурска вечер, прославата добива карактер на свадба, па родителите се принудени да потрошат значителни средства. Потребно е колективно свестување и родителите да разговараат со своите деца дека не секогаш поскапо значи и подобро“, потенцира Маџовска.

Според неа, решението лежи во подобрата комуникација во семејството и во едукација на младите дека вредностите не лежат во материјалното, туку во знаењето и во моралните вредности.

Трендот на скапи матурски прослави не ја одминува ниту помалите градови.

Во Кавадарци, на пример, матурантката Ивана раскажува дека нејзини другарки за фустани потрошиле и над 700 евра, што за локалниот стандард е особено висока цена.

„Јас фустанот го купив овде, локално, за 150 евра, и мислам дека изгледав подеднакво убаво како и девојките со скапите фустани од Солун. Сепак, чувствував притисок, бидејќи некои девојки буквално се натпреваруваа која ќе носи поскап фустан“, вели Ивана.

Јасно е дека трендот на луксузни матурски прослави не исчезнува лесно, но останува да се види дали македонското општество ќе продолжи да подлегнува на овој притисок, или ќе се сврти кон поскромни, но достоинствени начини на прославување на матурската вечер.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП