Во моментов властите не работат на нови мерки за намалување на инфлацијата. До крајот на овој месец Државниот пазарен инспекторат има обврска да достави анализа со податоци до Министерството за економија и труд која треба да покаже дали има зголемување на цените и ако има на кое ниво е тоа. Доколку се докаже дека повторно постојат нефер трговски практики од страна на несовесни трговци, мерки секако ќе има. Во спротивно пазарните слободни правила во стопанството нема да се менуваат.
По завршувањето на владината мерка која имаше за цел да ги заузда цените во трговијата на големо и мало, веднаш се појавија стравувањата кај граѓаните дека трговците уште следниот ден ќе почнат со зголемување на цените како би си го вратиле „изгубениот“ ќар кој го имале зацртано во своите бизнис планови. Но, тоа не се случи, барем не во толкава мера како што се очекуваше. Реално цените на храната не пораснаа во онаа мера како што тоа се случуваше при завршувањето на претходните мерки кои ги носеше владата. Сепак пазарниот инспекторат секојдневно е на терен и доколку утврди нерегуларноти веднаш постапува.
„Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите откако се укинаа мерките кои важеа до крајот на април. Ако регистрираме 10, 15 или 20 проценти поскапување на цена на одредени производи и ако ова го утврди пазарната инспекција, тие нè известуваат во писмена форма, нашиот сектор ги анализира податоците на инспекторатот и врз основа на тие анализи, ќе донесеме поригорозни мерки. Официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата“, велат од Министерството за економија.
Официјалните податоци велат дека инфлацијата сега е сведена на околку 2,5 отсто што е во рамките на една нормална инфлациска рамка. Трошоците за живот на граѓаните во делот на храната се зголемени за нешто над еден процент, а посериозно зголемување бележат ставките рекреација и култура, угостителски услуги, здравствена заштита, набавка на нов мебел и покуќнина.
Да не заборавиме дека во шпицот на инфлаторната криза, Македонија беше лидер во регионот по основ на раст на цените. Инфлацијата достигна и високи безмалку 20 отсто зголемување на годишно ниво.
И.П