Ако внимавате на калориите или едноставно сакате малку поздрав однос со алкохолот, добрата вест е дека не мора целосно да исфрлите чаша задоволство од вашата рутина.
Умереноста и правилниот избор на пијалаци можат да направат голема разлика – и за вашата фигура и за здравјето на вашето срце и дигестивниот систем.
Нутриционистката Џулија Зумпано од Клиниката во Кливленд истакнува дека високата содржина на шеќер и јаглехидрати во алкохолните пијалаци може да го зголеми ризикот од дијабетес, инсулинска резистенција и покачени триглицериди, кои се поврзани со срцеви заболувања. Од друга страна, пијалаците со помала содржина на алкохол и помалку калории можат да бидат разумна опција, особено ако знаете како да ги комбинирате.
Ви претставуваме 5 популарни пијалаци кои воедно имаат и најниска калорична „цена“.
1. Суво бело вино (80 – 95 kcal по чаша)
Одличен избор за секој што сака вино, но не сака да консумира премногу шеќер. Совињон блан и Пино гриџо се меѓу најлесните бели вина. Во потоплите месеци, можеме да додадеме неколку замрзнати бобинки или малку минерална вода за посвежо искуство.
2. Црвено вино (100 – 120 kcal по чаша)
Иако има малку повеќе калории од белото вино, црвеното вино има свои предности: содржи ресвератрол, антиоксиданс поврзан со добро здравје на срцето. Клучот е во умереноста – чаша по оброкот може да биде и корисна и пријатна.
3. Водка со минерална вода (околу 130 kcal по пијалок)
Еден од наједноставните и најчесто консумирани лесни коктели е комбинација од вотка и минерална вода. Наместо засладени сокови, подобар избор е неколку капки свеж лимета или парче лимон. Ако сакате дополнителен вкус без дополнителни калории, можете да ја зачинете вашата вотка со краставица, нане или бобинки.
4. Џин и тоник или сода вода (околу 120 – 140 kcal)
Џинот и тоникот се класика, но ако сакате уште помалку шеќер, заменете го тоникот со минерална вода. Овој коктел може да биде многу освежителен, особено со додатоци како рузмарин, краставица или грејпфрут.
5. Аперол Шприц (120 – 130 kcal по чаша)
Еден од најомилените летни пијалаци на терасите. Аперол, Просеко и сода вода се мешаат во освежителен коктел со горчливо-сладок вкус кој задоволува, а не преоптоварува. Ако сакате да го намалите внесот на шеќер, изберете Просеко со ознака „brut“, кое содржи значително помалку шеќер од послатките сорти.
Умереноста е сè уште најважна работа
Иако овие пијалаци се полесен и попаметен избор од класичните коктели, важно е да се запомни дека ниедна форма на консумирање алкохол не е целосно безопасна. Светската здравствена организација јасно наведува дека не постои безбедна количина на алкохол за здравјето. Затоа, ако пиете, правете го тоа умерено, свесно и повремено, како дел од избалансиран начин на живот.