Власта подготвува нов Закон за енергетика. Според информациите ќе се олеснат процедурите за инвестирање во обновливи избори, ќе се прави нов регистар за домаќинства кои им е потребна помош за да излезат од енергетска сиромаштија, ќе се менуваат броилата на домаќинствата, односно сите треба да имаат дигитални, и државната МЕПСО со закон ќе се забрани да оди на продажба.
Од Министерството за енергетика велат дека во завршна фаза е носењето на новиот Закон за енергетика кој треба да ги подобри состојбите во овој сектор. На новиот закон се работело во последниве шест месеци и сега тој е напишан на 300 страници. Интересно е тоа што денеска законското решение влезе во собраниска процедура. Според властите една од главните придобивки ќе биде тоа што на над 50 илјади домаќинсктва ќе им се помогне да ја победат енергетската сиромаштија.
„Веќе почнавме да работиме на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија заедно со Министерството за социјална политика и со неа ќе можеме да ја знаеме точната бројка. Неофицијално во земјава има околу 50.000 броила кои се сметаат за енергетска сиромаштија, но сакаме да имаме точна бројка. Формирана е работна група и систематски работиме на детектирање на сите што се засегнати од енергетската сиромаштија и сме при крај. Ќе има неколку модели кои се уште не сме ги финализирале, но државата секако ќе им помогне.“
Левица прва соопшти дека нема да даде зелено светло за овој закон. Според опозициската партија, тој претставува уште еден чекор кон целосна либерализација на стратешкиот енергетски сектор, со што, според нив, државата се откажува од клучната улога во заштита на јавниот интерес.
„Со овој Предлог-закон се продлабочува процесот на либерализација на пазарот, а државата јасно покажува дека нема ниту намера, ниту план да ги национализира енергетските капацитети и да ги стави во служба на народот Ќе продолжиме доследно да се спротивставуваме на секој обид за приватизација на јавните добра, либерализација на стратешките сектори и уривање на државниот суверенитет“, велат од Левица.
Тоа што предизвика реакции во јавноста е дека домаќинствата ќе мора да ги заменат броилата за електрична енергија и сите ќе треба да имаат дигитални. Власта вели на тој начин ќе биде ставено ќрај на кражбите на струја, но засега е непознато кој ќе ги плати новите модерни броила, државата или граѓаните.
Од ресорното министерство најавија и нови правила со батериите односно складирањето на електрична енергија, олеснети околности за монтирање на фотоволтаици.
И.П