Иако понудената плата надминува неколкукратно од она што може да се заработи во фабрика или на каса во маркет, младите во Македонија не сакаат да бидат овчари дури ни за 2.000 евра месечно.
Ова е загрижувачката реалност која сточарите ја гледаат секојдневно, соочени со сериозен недостаток на работна сила за оваа професија, која и покрај пристојната заработка останува табу за многумина.
Илија Маркоски, долгогодишен сточар од Пелагонија, тврди дека веќе три месеци не може да најде човек кој би ги чувал неговите овци.
Тој за нашиот медиум изјави дека нудел и многу повисока плата од просечната, но резултатот бил секогаш ист.
„Не е работата во парите. Младите велат дека не сакаат да работат како овчари, бидејќи ја сметаат оваа професија за понижувачка. Понудив плата од 2.000 евра, плус храна и сместување, но залудно. Дури и кога ќе се појави некој заинтересиран, по една недела заминува“, вели Маркоски.
Причините за ова, според социологот Љубица Маџовска, лежат во стигматизацијата на професијата и општата слика во општеството која овчарството го гледа како примитивна дејност.
„Проблемот е во перцепцијата. Денес, младите ги привлекува работа во канцеларија, или во некоја индустрија која изгледа попристојно во општествените очи. И покрај добрата заработувачка, професии како овчарството не им се примамливи поради социјалната стигма и недостатокот на модерна инфраструктура на селата“, анализира Маџовска.
Со идентичен проблем се соочува и Стојанче Андонов, фармер од Мариовско, кој смета дека овој тренд ја загрозува целата гранка.
„Сѐ повеќе земјоделци ги намалуваат стадата бидејќи нема кој да ги чува овците. Сите би сакале само административна работа, никој не гледа дека може и тука добро да се заработи“, потенцира Андонов.
Од друга страна, 24-годишниот студент Мартин Илиевски, кој работи во локална продавница за 500 евра месечно, искрено признава дека никогаш не би работел како овчар, иако платата е многу поголема.
„Не ми е лесно со платата што ја имам, но мислам дека овчарството не би го издржал. Од една страна е тешката работа, од друга пак и тоа како другите ќе ме гледаат“, искрен е Илиевски.
Експертите предупредуваат дека државата мора итно да интервенира со модернизација на селските средини и промена на општите перцепции за работата во земјоделството, доколку сака да го зачува сточарството како една од клучните економски гранки.
Во спротивно, овој тренд само ќе се продлабочува, а последиците ќе ги почувствува целата економија.
Б.З.М.