Министерството за економија подготвува ударна мерка за регулирање на трговијата – можно е ограничување на маржите за речиси сите производи што се продаваат во маркетите.
Ова го најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој посочи дека по истекот на сегашната владина мерка, која завршува на крајот на месецот, односно денеска, ќе се воведат уште построги ограничувања доколку трговците продолжат со „девијантно однесување“ и со вештачко зголемување на цените.
Дурмиши ја оцени досегашната мерка за ограничување на бруто маржата на 10% како успешна, истакнувајќи дека таа резултирала со намалување на цените на храната и пијалаците.
Според него, податоците на Државниот завод за статистика потврдуваат позитивни ефекти – инфлацијата во март изнесува 2,7%, а во споредба со февруари е забележана дефлација од 1,3% во сегментот на храна и пијалаци.
„Оваа мерка дава резултати и доколку трговците не се придржуваат до правилата, ќе воведеме уште построги мерки. Од 1 мај со Државниот пазарен инспекторат ќе спроведуваме засилени контроли на терен“, предупреди Дурмиши.
Експертите се скептични. Тие веруваат дека прекумерната регулација може да ја дестабилизира економијата и предупредуваат дека премногу рестриктивни мерки би можеле да имаат контра ефект.
„Ако државата навистина ги ограничи маржите на сите производи, постои ризик да се предизвика ценовен хаос. Ланците на маркетите ќе имаат проблем со ликвидноста, ќе се намали понудата, а тоа во крајна линија ќе доведе до нов ценовен шок. Наместо да се регулира инфлацијата, може да се поттикне недостиг на производи и создавање сива економија“, велат аналитичарите.
Стручњаците додаваат дека ограничувањето на профитната маржа е краткорочна мерка која не може да ја реши основната причина за инфлацијата, а тоа се растечките трошоци за енергија, логистика и суровини.
Од друга страна, истрагите на Државниот пазарен инспекторат покажале дека дел од маркетите веднаш по истекот на првичните мерки почнале со енормно зголемување на цените, што ги натерало властите да размислуваат за нов бран рестрикции.
„Ќе опфатиме речиси сè – ако сега се регулирани 102 групи производи, со новата одлука ќе ги покриеме сите производи што ги имаат ланците маркети. Или ќе ограничиме маржа на сите производи или ќе ја зголемиме вредноста на ограничувањето“, нагласи Дурмиши.
На предлог на Министерството за економија, од 20-ти минатиот месец се применува ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи производи, а дополнително се утврдени највисоки цени за осум основни прехранбени производи. Со измени на Законот за заштита на потрошувачите, од 18-ти месецов трговците на мало се обврзани секој ден до 10 часот наутро да ги објавуваат цените на своите веб-страници, јавно и без потреба за регистрација.
Истовремено, Министерството за економија финализира нова официјална потрошувачка кошница, која треба да биде порепрезентативна од постоечката синдикална верзија.
„Имаме драфт верзија на кошничката која се дискутира. Таа ќе ги опфати сите граѓани, ќе биде прецизирано кои производи се вклучени и од кои трговци се земени цените. Не само од два или три трговци, туку од повеќе, за да биде објективна“, објасни Дурмиши.
Тој додаде дека сè уште се разгледува дали просечната потрошувачка кошничка ќе се базира на тричлено или четиричлено семејство. Работната група веќе два месеца интензивно работи на подготовка на документот, кој, според најавите, идниот месец ќе биде разгледан од Владата, Економско-социјалниот совет и синдикатите.
Аналитичарите велат дека државната интервенција на пазарот мора да биде внимателно калибрирана.
„Лесно е да се контролираат цени на хартија, но прашањето е што ќе се случи кога ќе почнат проблемите со залихите и кога трговците ќе почнат да ја пренесуваат загубата на квалитетот на услугите. Доколку продолжи притисокот, голем дел од помалите маркети може да затворат, а тоа ќе ја намали конкуренцијата и ќе доведе до уште поголема нестабилност на цените“, предупредуваат експертите.
Секако, како што посочуваат стручњаците, граѓаните сега ги чувствуваат позитивните ефекти од ограничувањето на маржите, но цената на ваквите мерки на долг рок може да биде висока доколку не се најде балансирано решение помеѓу регулирањето и слободното пазарно функционирање.
Б.З.М.