Можете ли да замислите материјал кој може да се шири, да добива нови форми, да се движи и да ги следи командите како робот, без да има никакви мотори или запчаници?
Инженери од Универзитетот Принстон создадоа токму таков материјал. Во нивната работа објавена во списанието Nature, тие истакнуваат дека биле инспирирани од јапонската уметност оригами, сè со цел да ги отстранат границите помеѓу роботиката и материјалите.
Резултатот е „метаматеријал“ кој е дизајниран да има нови и необични својства кои зависат од физичката структура на материјалот, а не од неговиот хемиски состав.
Истражувачите од Принстон го направија својот метаматеријал со комбинирање на едноставна пластика и магнетни композити изработени по нарачка. Со помош на магнетно поле, истражувачите ја променија структурата на метаматеријалот, без директен контакт. Тие го нарекоа своето создавање „метабот“.
Електромагнетните полиња носат моќ и сигнал во исто време. Секое однесување е многу едноставно, но кога ќе ги споите, однесувањето може да биде многу сложено, рече Минџи Чен, автор на трудот и вонреден професор по електротехника и компјутерско инженерство во Центарот за енергија и животна средина „Андлингер“ во Принстон. Истражувањето ги помести границите на енергетската електроника со тоа што демонстрираше дека вртежниот момент може да се пренесува од далечина, моментално и прецизно на растојанија за да се водат сложени роботски движења.
Како што го опишаа, метаботот е „модуларен конгломерат од многу реконфигурабилни единечни ќелии кои се огледални слики една на друга“. Ова огледало, наречено хиралност, го овозможува комплексното однесување. Туо Жао, постдокторски соработник, рече дека метаботот може да издржи големи деформации – извиткување, преклопување и намалување – како одговор на едноставен притисок.
Истражувачите велат дека во иднина, таков метаматеријал би можел да се користи во медицината (за испорака на лекови до одреден дел од телото), во леќи, антени и голем број други области.
Новиот материјал би можел да се користи и за дизајнирање физички структури кои ги имитираат перформансите на логичките порти направени со транзистори во компјутер.
Ова ни дава физички метод за симулирање на сложено однесување, како што се некомутативните состојби, рече професорот по инженерство Глаусио Паулино. Бидејќи овој материјал може да се трансформира помеѓу материјал и робот со помош на надворешно магнетно поле.