„Поминати се цели две децении, а јас сè уште немам клуч од свој дом. Само клучеви од туѓи врати кои ги менувам на секои неколку години“.
Вака ја започнува својата исповед 54-годишниот Новица Блажиќ, кој цели 20 години живее под кирија во Скопје. Без сопствен стан, без трајна адреса, но со полн багаж искуства за тоа што значи да си кираџија цел живот.
Новица, по професија техничар, вели дека првично не ни помислувал дека ќе минат толку години без да стане сопственик на свој дом.
„Кога се преселив од Куманово во главниот град, планот беше да работам неколку години, да заштедам, па да си купам мал стан. Но животот има други планови – се роди ќерка, се зголемија трошоците, а платата не растеше“, објаснува нашиот соговорник.
Во овие 20 години, сменил седум станови. Некогаш се селел затоа што му ја зголемиле киријата, некогаш поради расправии со газдите, а најчесто – затоа што станот се продавал.
„Најтешко ми беше кога ќерка ми имаше 10 години, веќе создаде пријатели во маало, почна да се навикнува… и пак моравме да се селиме. Тоа ти го кине срцето“, раскажува тој.
Социологот Љубица Маџовска вели дека долгорочниот живот под кирија може да има сериозни последици по менталното здравје.
„Нестабилноста, неизвесноста, постојаното чувство дека си ‘гостин’ во сопствениот живот – тоа знае да остави трајни емоционални последици. Особено кога има деца во семејството“, вели Маџовска.
Финансискиот аспект, исто така, носи своја тежина. Новица пресметал дека досега има платено повеќе од 50.000 евра за кирија – пари кои, како што вели, можеле да бидат цврста основа за купување просечен стан на убава локација.
„Ама кој да ти даде кредит кога не си вработен во државна институција, кога си на договор на дело, кога немаш стабилни примања?“, вели тој.
Денес, Новица живее во еднособен стан во населбата Карпош.
„Газдата е коректен, ама секој месец кога ќе платам, чувствувам дека само продолжувам да живеам туѓ живот“, додава нашиот соговорник.
И покрај сѐ, не губи надеж. Вели дека кога ќе замине во пензија, ќе се врати во Куманово каде има запуштена куќа од родителите. „Не е луксуз, ама барем ќе биде моја“.
Животот под кирија може да биде избор, но за многумина – како Новица – тоа е нужност. Исповед која ја отсликува македонската реалност: генерации што остануваат станари поради ниски плати, скапи кредити и невозможни услови за сопствен дом.
Б.З.М.