Денес не е доволно само да имаш пари – мора и да изгледа дека имаш. Или барем така нè учат социјалните мрежи. Во свет каде што оброкот не вреди ако не е објавен, а патувањето е успешно само ако се сними рилс, ставот кон парите станува сè повеќе психолошки, отколку рационален.
Во минатото, концептот на финансиски успех се мереше со заштеда, сигурност и скромност. Денес? Се мери со тоа дали носиш дизајнерска чанта, дали седиш на rooftop во Дубаи и дали имаш „естетски фид“ на Инстаграм.
„Имам пријатели кои земаат кредит за да купат телефон, само за да не се чувствуваат помалку вредни. Тоа е страшно, но станува нормално“, вели Тамара Пејовиќ (28), вработена во ИТ сектор. „Порано за мене луксуз беше да одам еднаш месечно на фризер. Сега, кога ќе видам девојки кои секој втор ден се шминкани и дотерани за по Инстаграм, почнувам да се прашувам дали сум доволно успешна“.
Овој феномен го објаснува и психологот Сања Љубеновиќ:
„Социјалните мрежи креираат илузија за реалност. Луѓето не објавуваат долгови, објавуваат авокадо тост. Не објавуваат дека живеат со родителите, туку објавуваат слика од хотел со поглед. Сето тоа влијае врз самоперцепцијата и ставот кон парите – тие повеќе не се средство за живот, туку средство за валидација“.
Оваа валидација, според Љубеновиќ, станува особено токсична кај младите.
„Кога некој ќе види дека нивен врсник на 22 години вози нов BMW и носи часовник од неколку илјади евра, без да знае дали тоа е подарок, лизинг или изнајмен за фотосесија, создава чувство на неуспех. И тоа ги тера да трошат повеќе отколку што можат“, објаснува психологот.
Финансиските консултанти велат дека се менува и начинот на трошење:
„Клиентите сè помалку штедат и сè повеќе купуваат импулсивно – нови патики, бренд трендови, гламурозни искуства. Повеќето од тие трошоци се мотивирани од социјалните мрежи – луѓето сакаат да припаѓаат на тој дигитален свет, дури и ако реално не можат да си го дозволат“, објаснуваат експертите.
Проблемот е што она што изгледа гламурозно на екранот, често остава празна сметка. А уште полошо – празни луѓе.
„Почнав да се чувствувам сиромашно, иако немам долгови. Само затоа што не сум на Малдиви секој февруари“, раскажува 35-годишниот Игор. „Но потоа се запрашав: дали јас навистина го сакам тоа, или само сакам да добијам лајкови како другите?“
Социјалните мрежи не нè учат да заработуваме – нè учат да трошиме. А вистинското богатство, можеби, почнува таму каде што завршува потребата за виртуелно одобрување.
Б.З.М.