По долги години без вистински саемски простор, Владата на Република Македонија ја разгледува можноста за изградба на нов, модерен саемски комплекс во главниот град.
На вчерашната средба меѓу директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, и претставници на компанијата „Скопски саем“, се дискутирале можни локации, инфраструктурни решенија и идните чекори кон реализација на овој значаен проект.
„Враќањето на ‘Скопски саем’ во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар“, изјави Томовски по средбата.
Од страна на „Скопски саем“ беше изразена подготвеност за соработка со државните институции во процесот на подготовка и реализација на проектот.
„Саемите се многу повеќе од обични изложби. Тие се двигатели на економијата, алатки за промоција на домашните производи, но и средби каде се отвораат нови бизнис можности и соработки. Недостигот од соодветен простор последниве години е сериозен хендикеп за нашата земја“, нагласи директорката на „Скопски саем“, Даниела Глигоровска.
Таа додаде дека со изградбата на модерен саемски објект, Македонија ќе може повторно да се позиционира како важен играч на балканската саемска мапа.
„Доста ни е од спортски сали“
Но, освен институционалната поддршка, проектот добива и сѐ поголема поддршка од граѓаните.
Мнозинството скопјани ја поздравуваат иницијативата и велат дека изградбата на нов саем е одамна задоцнета.
„Не е можно во 2025 година Саемот на книга да се организира во спортска сала. Таму нема ниту доволно простор, ниту доволно светлина, а камо ли атмосфера. На саем одам со децата, а ова не личи на ништо“, вели Марија Цветковска од Тафталиџе, мајка на две деца и редовна посетителка на културните манифестации.
Слично размислува и Ѓорѓи Митревски од Карпош, кој секоја година го посетува Саемот на мебел:
„Секоја година е исто – настан кој треба да биде елитен, завршува во салата ‘Борис Трајковски’. Таму не може ниту да се движиш, ниту да видиш квалитетно изложени производи. Не е тоа саем, туку маркет со лоша акустика“.
Саемите, според повеќе граѓани, претставуваат културен и економски белег на секој модерен град, а Скопје, велат тие, одамна го изгуби тој идентитет.
„Кога имавме вистински саем, се чувствував како Скопје да е дел од Европа. Денеска изгледа како да сме некое мало место без визија. Време е ова да се смени“, рече 68-годишниот Александар, пензиониран архитект кој своевремено работел на урбанистички планови за просторот околу поранешниот саем.
Визија за модерна саемска инфраструктура
Идејата за изградба на нов саемски центар не е нова, но за првпат по подолг период добива конкретна форма преку разговори на највисоко ниво.
Иако сѐ уште не се објавени конкретни детали околу локацијата или динамиката на изградбата, од Владата велат дека проектот ќе биде предмет на поширока јавна консултација.
„Мора да изградиме простор кој ќе биде функционален, модерен и достапен за сите. Исто така, саемскиот комплекс ќе треба да ги исполнува сите европски стандарди за изложбени простори и да овозможи организирање на настани од регионален и меѓународен карактер“, изјавија од Службата за општи и заеднички работи.
Очекувањата се дека новиот објект ќе има повеќенаменски павилјони, големи изложбени хали, конференциски сали, паркинг простор, ресторански и хотелски капацитети, со можност за хибридни настани – комбинација на физичко и дигитално присуство.
Во услови кога Скопје се развива во метропола со сè поголеми урбани, економски и културни потреби, саемскиот центар се гледа како неопходен инфраструктурен проект кој ќе ја врати достоинствената слика на градот, но и ќе понуди нови можности за развој на туризмот, претприемништвото и регионалната соработка.
Додека институциите го разгледуваат проектот, скопјани остануваат јасни во своите барања – саемот мора да се врати во полн сјај и тоа што е можно поскоро.
Б.З.М.