Граѓаните на Скопје веќе две недели не можат да ги наполнат своите плински боци на бензинските станици во градот, поради воведената забрана која е резултат на зачестените експлозии на боци во земјава, при што имаше и човечки жртви.
Забраната важи за сите бензински станици, а единствената алтернатива за домаќинствата кои користат плински боци е да ја заменат празната боца за полна во официјалните претставништва од каде што истите биле набавени.
Екипата на Денар направи обиколка низ повеќе бензински станици низ главниот град и насекаде го доби истиот одговор: “Забрането е полнење плински боци за домаќинствата многу одамна”, ни кажа вработен во една од нашите најголеми компании. Вработените велат дека ваквата одлука им била соопштена од менаџментот на бензинските станици, а причината за тоа се безбедносните ризици и зголемениот број несреќи предизвикани од неправилното полнење и користење на боците.
Но, најчесто оваа услуга сеуште ја нудеа помалите бензински пумпи во државава.
„Повеќе од 10 години точам плин на бензински пумпи за домашната боца и до сега не сум имал никаков проблем. Денес, буквално го свртев цело Скопје. Бев во Карпош, во Центар, па стигнав дури до Ново Лисиче, а потоа назад во Ѓорче Петров. Никаде не ми дозволија да ја наполнам боцата, сите одбиваат и велат дека од пред две недели е строго забрането. Никој претходно не известил дека ќе има ваква забрана. Навистина е револтирачки што преку ноќ донеле ваква мерка, а не понудиле никакво решение. Не можам да си ја користам боцата, а дома ми треба за готвење и за греење“, изјави за Денар револтираниот граѓанин Игор Николовски од Ѓорче Петров.
Овој проблем се појавува кај илјадници домаќинства во Скопје кои досега секојдневно ги полнеле своите плински боци на бензинските станици.
Дополнително, граѓаните се жалат дека замената на празна боца за полна кај официјалните претставништва е поскапа отколку досегашното полнење на бензинските станици.
„Немам против безбедноста, но ако веќе донеле ваква одлука, требало да најдат начин да ги информираат луѓето и да обезбедат дополнителни пунктови за размена на боците. Вака сите сме затечени. Боцата во претставништвата ме чини и до 300 денари повеќе, а тоа за многумина е значителен дополнителен трошок“, додава Николовски.
Од друга страна, вработените на бензинските станици велат дека забраната е оправдана, бидејќи полнењето на плинските боци често било ризично, особено кога се вршело без соодветна контрола.
„Ние како вработени сме во постојан страв кога доаѓаат граѓани да наполнат плински боци. Иако најголемиот број луѓе знаат да ги полнат, има случаи кога боците се стари, оштетени, или не се правилно затворени. Тогаш се случуваат несреќи, како што имаше во последните месеци. Забраната дојде токму поради тие случаи, бидејќи никој не сака повторно да слушаме за несреќи. Ова го велам и како човек, не само како вработен“, изјави за Денар вработен на приватна бензинска станица во Ѓорче Петров кој побара да остане анонимен.
Засега, граѓаните немаат друг избор освен да се прилагодат на новата реалност, иако многумина од нив се соочуваат со зголемени трошоци и ограничени можности за секојдневно функционирање.
Во меѓувреме, стручњаците советуваат дека и покрај незадоволството, граѓаните треба сериозно да ја сфатат забраната бидејќи користењето на плински боци без соодветна контрола и сервисирање претставува сериозна опасност која може да предизвика трагични последици, како што веќе беше случај во неколку градови во Македонија.
Б.З.М.