16 април, 2025
ПочетнаКАРИЕРАСакате да отворите фирма во Македонија? Еве колку ќе ве чини тоа...

Сакате да отворите фирма во Македонија? Еве колку ќе ве чини тоа задоволство

Започнувањето сопствен бизнис во Македонија за многумина претставува чекор кон независност, исполнување на лична визија и надеж за подобар живот.

Но, колку всушност чини оваа авантура? Од првиот документ во Централниот регистар, па сè до плаќањето на првиот данок, патот до сопствен бизнис е исполнет со административни обврски и трошоци што секој идeн претприемач треба да ги знае однапред.

Првиот чекор: регистрација на фирма

Најчестиот правен облик за мали бизниси е Друштво со ограничена одговорност (ДОО), а почетниот капитал изнесува минимум 5.000 денари.

Регистрацијата во Централниот регистар може да се изврши електронски или преку овластени едношалтерски системи, а трошокот за регистрација изнесува околу 2.000 до 3.000 денари, зависно од тоа дали ја користите е-службата или поднесувате документи преку нотар.

„Не е само регистрацијата – мора да се размислува и за отворање трансакциска сметка, изработка на печат (иако повеќе не е задолжителен), ангажирање книговодител и изработка на акти. За сè вкупно, ако работите со фирма што нуди цел пакет, ќе ви побараат од 100 до 200 евра”, вели Драгана Лозановска, консултант за мали бизниси од Скопје.

Фиксни месечни трошоци

Веднаш по регистрацијата следуваат првите месечни трошоци – книговодствена услуга (просечно 2.000 – 4.000 денари месечно), интернет и телефон (околу 1.000 – 2.000 денари), а доколку изнајмувате деловен простор, тука се и киријата и сметките.

„Многу стартапи започнуваат од дома, за да ги минимизираат трошоците. Но ако работите со клиенти, канцеларија или локал е речиси неопходен. Најевтино се изнајмува по 100-150 евра месечно, во населби надвор од центарот”, објаснува Сашо Блажевски, претприемач од Кисела Вода.

Даночни обврски

Доколку сте регистрирани како ДОО или ДООЕЛ, основниот данок што ќе го плаќате е данокот на добивка од 10%. Покрај тоа, ако остварувате промет над 2 милиони денари годишно, задолжително влегувате во системот на ДДВ, со стапка од 18%.

Дополнително, секој правен субјект мора да плаќа придонеси за вработените. Доколку сопственикот е и управител кој прима минимална плата, месечните давачки (бруто износ) се околу 35.000 денари.

„Првата година најтешко се преживува. Ако немаш доволно буџет, многу лесно можеш да западнеш во долгови. За старт препорачувам барем 2.000 евра резерва, за да не згасне бизнисот по три месеци“, вели Блажевски.

Дали вреди?

И покрај сите предизвици, интересот за отпочнување бизнис не стивнува.

Според податоците од Централниот регистар, само во 2024 година се отвориле над 9.000 нови субјекти. Се чини дека македонскиот дух за претприемништво живее, и покрај економските и административни бариери.

„Во Македонија има простор за нови идеи, само треба храброст и трпение. Ако чекаш сè да биде совршено – никогаш нема да стартуваш“, заклучува Лозановска.

Започнување бизнис во Македонија не е невозможно, но потребна е внимателна подготовка.

Од финансиска гледна точка, стартните трошоци може да се движат од неколку стотини до неколку илјади евра, во зависност од дејноста.

Вистинската цена, сепак, често се мери со вложеното време, енергија и посветеност.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП