Фебрилните конвулзии кај децата претставуваат едни од најчестите невролошки пореметувања во раното детство, како резултат на незрелиот детски мозок при висока фебрилност или нагло покачување на телесната температура.
Најчесто се јавуваат на возраст од 4 месеци до 5 години. Колку е детето постаро во тек на појавата на првите епизоди на фебрилни конвулзии, помала е веројатноста дека ке се повторат подоцна. Причините за нивна појава не се доволно познати, но најчесто имаат фамилијарна историја.
Дали вакцините може да предизвикаат конвулзивен напад: Може да се случи после апликација на некоја вакцина детето да добие напад односно грчење на телото, иако тоа е поретко. Според одредени истражувања 25-35% од 100.000 деца може да добијат конвулзии по примена вакцина МРП и ДТП. Но, она што е битно да се нагласи е дека вакцината не е таа која го предизвикува нападот, туку зголемената телесна температура како последица на примената вакцина.
Најчестите причини за висока телесна температура, а последователно на тоа и појава на конвулзии се вирусните инфекции на дишните патишта, средното уво, како и на уринарниот систем. А поретки причинители се бактериите.

Како да препознаете дете кое има напад:
- Погледот го усмерува кон горе, превртува очи, фиксира поглед
- Не реагира, односно не може да се воспостави контакт со него
- Почнува тресење на одредени делови од телото (раце или нозе), грч на вилицата, помодрување на усните (може и пена од уста)
- Дишењето е отежнато, почнува да кркља, да прави апнеи (на присутните околу него им изгледа како да не дише)
- Ја губи контролата за празнење на бешиката и цревата, поради што се јавува неконтролирано мокрење и дефекација
- Често започнува и со повракање
Најчесто нападите траат неколку минути (околу 5-10 минути) по што спонтано се губат. Поретко се случува нападот да не се смири, туку да продолжи повеке од 10 минути и да навлезе во т.н Епилептичен статус. Оваа состојба може да биде животозагрозувачка и потрбен е итен транспорт на детето во болнички услови.

Како да реагира родителот во случај на фебрилни конвулзии:
Појавата на конвулзии кај дотогаш здраво дете, претставува една од најдраматичните и најстресните состојби што може да му се случи на еден родител, а секако и на целата фамилија. Родителот е во голем страв и паника од губење на детето, се сомнева дека истото не дише и затоа во таква ситуација ги прави најчестите грешки: Насилно отворање на устата, прскање или полевање на детето со ладна вода, шамарање или тресење на детето. Со сите овие манипулации единствено може да се повреди и да се загрози здравјето на детето.
Најбитно во овие моменти е да се остане присебен и без паника. Детето се поставува во странична положба со целл да се спречи голтање на јазикот, аспирација на повратена содржина или механичка повреда на глава (удирање од под). Во никој случај не смее да се даваат лекови или течности преку уста. Единствено може да се даде ректално бензодиазепин (супозиторија диазепам). Превентивно давање на овој лек нема докажана здравствена корист и затоа не треба да се дава при фебрилност ако детето нема напад.
Намалувањето на телесната температура во тек на акутна болест или состојба со антипиретици, добрата хидрација на организмот, можаат да помогнат во превенцијата за појава на фебрилни конвулзии.

Доколку се работи за доенче помладо од 6 месеци или доколку нападот не се смири и трае подолго од 5 мин, тогаш веднаш треба да се побара службата за Итна Медицинска Помош.
Она што е најбитно е дека фебрилните конвулзии не го оштетуваат мозокот и немаат никакво негативно влијание врз психомоторниот развој на детето.

Д-р Каролина Ристова
Специјалист – Педијатар
Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК