САД треба да ги одложат „шокантно високите“ царини за увоз од Виетнам, рекоа американските и виетнамските компании, нагласувајќи дека пониските увозни давачки и „фер“ договор меѓу Вашингтон и Ханој ќе ѝ помогнат на американската економија и ќе го олеснат трговскиот дисбаланс.
Минатата недела Трамп објави царини од 10 отсто за увозот од земјите ширум светот и планира дополнителни „реципрочни давачки“ за трговските партнери со кои САД имаат трговски дефицит.
Белата куќа во текстот на одлуката нагласи дека, меѓу другото, сака да го врати индустриското производство во САД, тврдејќи дека американската индустрија изгубила околу пет милиони работни места од 1997-ма до 2024-та година.
Бројни американски компании произведуваат во Виетнам
Така, увозот од Виетнам треба да биде предмет на царина од 46 отсто од 9-ти април, со образложение дека, според пресметките на советниците на Белата куќа, на Ханој му се наметнува царина од 90 отсто за увоз на американски стоки, кога се земаат предвид „валутните манипулации и нетарифните трговски бариери“.
Бројни американски компании го преселија производството во Виетнам со цел да ги намалат трошоците, а потоа ги извезуваат своите производи во САД. Во такви услови, минатата година Виетнам забележа суфицит од 123,5 милијарди долари во трговската размена со САД. Само Кина, ЕУ и Мексико имаа поголем суфицит во трговската размена со САД.
Владата на Виетнам направи голем број отстапки на САД дури и пред Трамп да објави тарифи за увоз од земји ширум светот, ветувајќи дека ќе купи повеќе американски стоки како што се авиони и земјоделски производи и пониски царини за увоз на енергија и автомобили.
На крајот на март, Виетнам на тој начин ги преполови тарифите за американскиот течен гас и етанол и ги намали давачките за увоз на автомобили и производи како што се пилешки гради, бадеми, јаболка, цреши и производи од дрво.
Увозот на американски етан е ослободен од увозни давачки.
Договорени преговори и укинување на царините
Целта е „да се подобри трговската рамнотежа со трговските партнери на Виетнам“, рече на крајот на март Нгујен Куок Хунг, шеф на одделот за даночна политика во виетнамското Министерство за финансии, додавајќи дека додека САД и Виетнам формираа сеопфатно стратешко партнерство, тие не потпишаа договор за слободна трговија.
Во петокот, американскиот претседател и виетнамскиот лидер То Лам се согласија да преговараат за укинување на тарифите. Телефонскиот разговор беше „многу продуктивен“, заклучи Трамп.
Новите американски царини се „шокантно високи“, предупредија Виетнамската трговска и индустриска комора (VCCI) и Американската стопанска комора (AmCham) во Ханој во писмо до американскиот министер за трговија Хауард Лутник.
Пониските царини ќе и помогнат и на американската економија и на потрошувачите, велат „VCCI“ и „AmCham“.
„Пониските царини за производите што доаѓаат во Виетнам и за производите што стигнуваат до американските потрошувачи ќе им помогнат на американските бизниси, економијата и потрошувачите“, се вели во писмото.
„Брз и правичен договор ќе им обезбеди на компаниите сигурни услови за водење бизнис и ќе ја исправи трговската нерамнотежа во размената во нивна заедничка корист“, велат од „AmCham“ и „VCCI“.