Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави амбициозен план за изградба на гасни централи во Македонија, со цел државата да стане енергетски независна и во иднина да извезува електрична енергија.
Според него, овие проекти ќе ја трансформираат енергетската карта на земјата, намалувајќи ја зависноста од увоз на струја и обезбедувајќи сигурност во снабдувањето со електрична енергија.
Но, додека Владата го претставува овој проект како историски исчекор, експертите предупредуваат дека вистинската енергетска независност може да се постигне само доколку овие централи бидат изградени и управувани од државата, а не од приватни инвеститори.
Владината визија за енергетска стабилност
Најавата на премиерот Мицкоски доаѓа во време кога Европа се соочува со сериозни енергетски предизвици, а Македонија вложува напори да го намали увозот на струја, кој често ги оптоварува државниот буџет и граѓаните.
„Со изградбата на нови гасни централи, Македонија ќе стане енергетски независна и ќе може да извезува електрична енергија, што ќе биде од огромен економски бенефит за државата. Ова е проект од стратешко значење“, изјави Мицкоски.
Според Владата, новите централи ќе работат со природен гас, што се смета за почист енергенс во однос на јагленот, кој доминира во македонскиот енергетски микс.
Дополнително, се најавува дека ова ќе овозможи стабилни цени на струјата и ќе ја зајакне домашната економија.
„Енергетска независност само со државни централи“
Иако владината најава звучи оптимистички, енергетските експерти се скептични во однос на моделот на изградба и управување.
Професорот Ристо Цицонков, во својата најнова колумна нагласува дека Македонија може да стане енергетски независна само ако централите бидат во државна сопственост и изградени со државни средства.
„Мој совет, а ова го потврдуваат и многу други експерти, е државата да гради гасни когенеративни централи во нејзина сопственот или најмалку 51%. Само така ќе се постигне енергетска независност на земјата, а ќе има и некои други придобивки“, пишува Цицонков.
Тој посочува дека доколку државата се потпре на приватни инвеститори, цената на електричната енергија ќе зависи од нивната деловна политика, а не од државните интереси.
Дополнително, поставува прашање дали земјата ќе има доволно гас за стабилно снабдување, со оглед на тоа што Македонија целосно зависи од увозот на овој енергенс.
Клучните предизвици
Најавата за гасните централи отвора неколку клучни прашања:
Кој ќе ги гради и управува со централите? Доколку државата ги гради и сопственички управува со нив, тоа би можело да значи долгорочна стабилност. Но, доколку се дадат на приватни компании, тогаш прашање е кој ќе има контрола врз цените и врз производството.
Од каде ќе се набавува гас? Македонија во моментов нема сопствени извори на природен гас и зависи од увоз, што значи дека и покрај новите централи, енергетската независност може да биде само делумна.
Дали ова ќе ја намали цената на струјата за граѓаните? Владата вели дека проектот ќе донесе стабилни цени, но во практика, тоа зависи од моделот на управување и од глобалните цени на гасот.
Зошто не се инвестира во обновливи извори на енергија? Додека Европа масовно се насочува кон обновливи извори како соларни и ветерни електрани, Македонија продолжува да инвестира во гас, што е фосилно гориво со ограничена иднина.
Дали ова е вистинскиот пат?
Идејата за гасни централи несомнено може да донесе економски и енергетски придобивки, но клучно прашање останува – во чија сопственост ќе бидат и како ќе се управуваат?
Ако се реализира модел во кој државата ги гради и управува со нив, тогаш енергетската независност би можела да биде реална.
Но, ако проектите ги водат приватни компании, тоа ќе отвори нова зависност, само овојпат од енергетските корпорации.
Во период кога Европа забрзано инвестира во обновливи извори, останува дилема дали Македонија со гасните централи прави стратешки чекор напред или, напротив, создава нова форма на зависност.
Б.З.М.