18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако растот на цените на поевтините производи ги погодува најсиромашните?

Како растот на цените на поевтините производи ги погодува најсиромашните?

Маркетите во Македонија предложија наместо линеарно намалување на маржите од 10% за сите производи, да се направи таргетирана листа на основни прехранбени производи за кои маржите би паднале дури на 3%.

Ова, според економистите, може да биде клучен чекор за стабилизација на цените и намалување на инфлацискиот притисок врз граѓаните со пониски приходи.

Поранешниот министер за финансии Трајко Славески во својата најнова колумна го поддржа овој пристап, нагласувајќи дека оваа мерка не треба да биде привремена, туку дел од долгорочна стратегија за намалување на инфлацијата и ценовната нестабилност.

Според него, досегашните краткорочни мерки не доведоа до суштински промени, туку само привремено ја ублажија ситуацијата.

Феноменот „евтинфлација“

Славески во својата анализа го воведе терминот „евтинфлација“, кој претставува ситуација во која цените на најевтините производи растат побрзо од оние на поскапите.

Овој феномен е веќе забележан во повеќе економии, вклучително и Велика Британија, каде анализите покажале дека во последните две години цените на поевтините производи во истата категорија пораснале двојно повеќе од цените на поскапите алтернативи.

„Податоците од истражувањата во Британија покажуваат дека во периодот од 2021 до 2023 година, цените на поевтините производи пораснале за 34%, додека поскапите само за 18%“, наведува Славески.

Македонските потрошувачи, особено оние со пониски приходи, сè повеќе се соочуваат со истиот проблем – поскапување на основните прехранбени производи и артикли за секојдневна употреба.

Оваа ситуација дополнително ги влошува социјалните разлики и го намалува животниот стандард на ранливите категории граѓани.

Да се ублажи ценовниот шок

Економистите сметаат дека предложениот модел на маркетите е попаметен од линеарното ограничување на маржите.

„Ако маржите се намалат на сите производи подеднакво, трговците ќе имаат загуби кои ќе ги надоместат со нови поскапувања или со повлекување на дел од производите. Но, ако се таргетираат основните прехранбени производи, можно е да се ублажи инфлацискиот удар врз граѓаните, без да се загрози профитабилноста на секторот“, објаснуваат експертите со коишто разговаравме.

Тие посочуваат дека ваквата мерка може да биде еден од чекорите за спречување на дополнително зголемување на сиромаштијата.

„Ако се намалат маржите на основните производи, тоа ќе значи поевтин леб, ориз, брашно, млеко, што ќе има директен позитивен ефект врз стандардот на граѓаните со пониски приходи. Притоа, нема да дојде до нагло нарушување на бизнис логиката на трговските синџири, бидејќи тие ќе можат да го компензираат тоа со други производи“, велат познавачите.

Што значи ова за граѓаните?

Доколку предлогот на маркетите се спроведе, граѓаните со пониски приходи би можеле да добијат значително поевтини основни производи.

Ова, според економистите, би можело да помогне во намалувањето на инфлацијата на краток и среден рок.

Сепак, останува прашањето како маркетите ќе го спроведат овој модел и дали Владата ќе ја поддржи иницијативата.

Ако намалувањето на маржите на основните производи се спроведе правилно, тоа може да стане дел од долгорочна стратегија за економска стабилизација, наместо привремена мерка која нема да даде суштински резултати.

Во секој случај, економистите се согласуваат дека таргетираниот пристап е поефикасен од линеарните ограничувања и дека само преку дијалог со бизнисите може да се постигне одржливо решение.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП