27 март, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНеобработеното земјиште – тивка закана за македонското земјоделство

Необработеното земјиште – тивка закана за македонското земјоделство

Во Македонија илјадници хектари земјоделско земјиште остануваат необработени, претворајќи се во запуштени парцели кои негативно влијаат врз приносите на активните земјоделци.

Овој проблем не само што ја намалува продуктивноста на земјоделскиот сектор, туку и создава сериозни еколошки и економски последици.

Штетници, болести и ерозија често потекнуваат токму од ваквите запуштени површини, загрозувајќи ги посевите и овоштарниците кои се наоѓаат во нивна близина.

Земјиште без заштита – ризик за соседните посеви

„Најголем проблем за нас лозарите се запуштените ниви во близина. Нема кој да ги прска, нема кој да ги одржува, а од нив доаѓаат разни болести како мана и пламењача. Минатата година загубив речиси 30% од приносот поради ширење на болести од соседна необработена парцела“, вели Игор Димов, лозар од околината на Велес.

Истиот проблем го споделуваат и овоштарите.

„Кога во близина има необработени овоштарници, штетниците како јаболковата оса и црвената пајакова гриња лесно преминуваат на нашите плантажи. Нашите трошоци за заштита растат, а приносите се намалуваат,“ објаснува Јасмина Тодорова, производителка на јаболка од Преспа.

Ерозивни последици и нефункционални канали

Покрај ширењето на болести, проблемот со необработеното земјиште се чувствува и преку ерозијата.

Без растителен покривач, почвата станува нестабилна и подложна на разнесување од ветер и дождови. Ова создава акумулација на земја во каналите за наводнување, намалувајќи го нивниот капацитет.

„Секое лето трошиме илјадници евра за чистење на каналите од наносите што доаѓаат од необработените површини. Ако ова продолжи, ќе останеме без квалитетна вода за наводнување“, предупредува Александар Петровски, член на земјоделско здружение во Овчеполието.

Зошто земјиштето останува необработено?

Причините за овој проблем се повеќе, но најчесто се сведуваат на правни и економски бариери.

Дел од земјиштето е во приватна сопственост, но сопствениците немаат интерес или финансиски можности да го обработуваат. Некои се иселиле во градовите или во странство, оставајќи ја земјата без намена.

„Имам парцела што со години не можам да ја издадам под закуп, затоа што процедурите се комплицирани, а субвенциите за закупци не се достапни. Ако имав некаква поддршка од државата, веднаш би ја ставил во функција“, вели Николче Стојановски, сопственик на необработено земјиште во Пелагонија.

Што може да се направи?

Министерството за земјоделство најавува мерки за поттикнување на обработката на запуштените парцели.

„Размислуваме за воведување даночни олеснувања за земјоделците кои ќе го земат во закуп или ќе го обработуваат запуштеното земјиште. Исто така, разгледуваме можности за повисоки субвенции за оние кои ќе преземат рехабилитација на деградирани парцели“, брифираат извори од ресорното министерство.

Некои земјоделски здруженија, пак, предлагаат порадикални мерки – воведување казнени давачки за сопствениците кои дозволуваат нивните парцели да останат необработени.

Па така, додека Македонија увезува храна, илјадници хектари земјиште остануваат неискористени.

Државата, земјоделците и сопствениците на земјиште треба да најдат заедничко решение за да се спречи натамошното деградирање на обработливите површини.

Иднината на земјоделството зависи од активната употреба на земјиштето – секоја необработена нива е изгубен потенцијал за развој и одржливост.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП