Исхраната игра клучна улога во здравјето на дигестивниот систем, а некои намирници може да го зголемат ризикот од развој на рак на дебелото црево.
Иако оваа болест некогаш се сметаше за проблем за постарите луѓе, бројот на случаи кај помладите луѓе постојано се зголемува од 1990-тите. Според Националниот институт за рак, ракот на дебелото црево сега е водечка причина за смртни случаи поврзани со рак кај Американците помлади од 50 години.
Колоректалниот хирург Др. Карен Загијан сподели список со пет намирници на „TikTok“ кои можат да го зголемат ризикот од рак на дебелото црево и објасни зошто треба да се консумираат со претпазливост.
Црвено месо
Редовното консумирање на говедско, телешко, јагнешко и свинско месо е поврзано со 18 отсто зголемен ризик од рак на дебелото црево.
„Ризикот е уште поголем ако месото се подготвува на скара или на отворен оган. Дополнителен ризик претставува и изгореното месо“, предупредува др. Загијан.
Преработено месо
Колбасите, виршлите, сланината, шунката и сувото месо често содржат конзерванси и адитиви кои можат да го зголемат ризикот од рак за 15 до 35 проценти.
„Колку помалку јадете, толку подобро, не постои дефинирана безбедна количина“, нагласува др. Загијан.
Газирани и засладени пијалоци
Пијалоците со висока содржина на фруктозен сируп и шеќер се поврзани со развојот на рак на дебелото црево. Студија од 2021-ва година покажа дека луѓето кои пијат два или повеќе засладени пијалоци на ден имаат повеќе од двојно поголем ризик од развој на рак пред 50-тата година од животот.
Алкохол
Алкохолот е третата најчеста причина за рак што може да се спречи, зад пушењето и дебелината.
„Овој ризик е особено висок кај оние кои пијат секојдневно, но всушност не постои безбедна количина на алкохол“, предупредува д-р. Загијан.
Алкохолот предизвикува оштетување на ДНК, ги нарушува хормоните и ја намалува апсорпцијата на важни хранливи материи.
Високо преработена храна
Закуски, готовите колачи и друга високо преработена храна содржат емулгатори, вештачки засладувачи и адитиви кои може да го зголемат ризикот од рак.
„Ракот е како хронична рана која не може да зарасне – а исхраната богата со високо обработена храна ја намалува способноста на телото да се опорави“, објаснува онкологот др. Тимоти Јетман за Њујорк пост.
Промените во исхраната можат да играат значајна улога во спречувањето на рак на дебелото црево. Ограничувањето на внесот на црвено и преработено месо, намалувањето на потрошувачката на алкохол и слатки пијалоци и избегнувањето на високо преработена храна може да помогне да се намали ризикот.