18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВисоките маржи ја уништуваат домашната земјоделска продукција - трговците профитираат, земјоделците губат

Високите маржи ја уништуваат домашната земјоделска продукција – трговците профитираат, земјоделците губат

Во Македонија секојдневно расте јазот меѓу откупните и продажните цени на земјоделските производи, што ги става земјоделците во безизлезна состојба, а граѓаните пред повисоки трошоци за основните прехранбени производи.

Додека килограм ориз се откупува по 30 денари, во маркетите се продава за 100 денари. Доматите, пак, кои на откупните пунктови чинат 40 денари, на рафтовите достигнуваат цена од над 100 денари.

Земјоделските експерти предупредуваат дека не се проблем високите цени, туку енормните маржи што ги формираат трговците.

Според нив, државата мора итно да реагира и да воведе регулирани максимални маржи, со што ќе се спречи дополнително осиромашување на земјоделците и ќе се обезбедат попристапни цени за потрошувачите.

Проблемот не е во производството, туку во трговијата

„Земјоделците вложуваат труд, средства и време, но заработката ја земаат трговците. Ова е систем што не им оди во прилог на производителите. Наместо да има фер распределба, трговците ги зголемуваат цените и остваруваат енормни профити“, вели познавач на проблематиката.

Според него, лошите земјоделски политики резултираат со огромен увоз на производи што земјата самата би можела да ги произведува.

„Македонија годишно увезува земјоделски производи во вредност од над една милијарда евра. Тоа е огромна сума, која би можела да остане во земјата ако имаме стратешка поддршка за домашните земјоделци. Наместо тоа, сведоци сме на пад на домашното производство, бидејќи земјоделците не можат да опстанат“, додава експертот.

Трговците со енормни профити, земјоделците со загуби

Земјоделците велат дека состојбата станува неодржлива. Еден од нив, Никола Трајановски, кој произведува домати во регионот на Струмица, вели дека заработката е минимална, а често работат со загуба.

„Ако јас продавам килограм домати за 40 денари, а тој на пазар се продава за 110 денари, каде завршуваат тие 70 денари разлика?

Јас ги покривам трошоците за производство, семиња, вода, хемикалии, работна рака, транспорт… На крај, заработката е симболична. Но трговците немаат такви трошоци и сепак прават огромна маржа“, вели Трајановски.

Тој додава дека државата мора да најде начин да ги заштити земјоделците, бидејќи ако продолжи оваа практика, многумина ќе бидат приморани да се откажат од земјоделството.

„Младите веќе не сакаат да работат во оваа професија, бидејќи гледаат дека нема перспектива. Ако вака продолжи, за неколку години ќе немаме домашно производство и ќе бидеме целосно зависни од увозот“, предупредува Трајановски.

Регулација на маржите – потреба или утопија?

Повеќе земјоделски здруженија бараат државата да воведе ограничување на максималниот процент на заработка што можат да го остваруваат трговците.

Според нив, во многу европски земји постојат вакви механизми кои ги штитат и производителите и потрошувачите.

„Ако цената на откуп е 40 денари, продажната цена во маркетите не смее да биде трипати повисока. Во некои земји се регулира максималната маржа на основните прехранбени производи за да се спречи ценовен шок. Во Македонија, меѓутоа, никој не се грижи за тоа“, вели Елена Костова од невладиниот сектор.

Од Министерството за економија велат дека размислуваат за можни мерки, но засега не најавуваат конкретни решенија.

„Ги анализираме движењата на цените и ќе видиме кои механизми би биле најпогодни за регулирање на маржите“, брифираат од Министерството.

Што ќе се случи ако нема промени?

Доколку не се преземат конкретни мерки, Македонија ризикува целосно да ја загуби конкурентноста на домашното земјоделско производство. Земјоделците ќе се демотивираат, цените ќе продолжат да растат, а граѓаните ќе бидат принудени да плаќаат повисоки суми за храна.

„Ова не е само економски проблем, туку и безбедносен. Ако немаме домашно производство, во услови на светски кризи или воени конфликти, може да се соочиме со недостиг на основни намирници. Владата мора да преземе итни чекори“, предупредуваат економистите.

Во меѓувреме, земјоделците остануваат во неизвесност, а граѓаните – со сè повисоки сметки во маркетите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП