Институтот за економски и политички анализи Finance Think под лупа ги стави мерките за ограничување на цените и маржите кои имаа за цел да ја смират инфлацијата. Анализата го опфаќа периодот од 2021 до 2024 година. Главната перцепција на граѓаните е дека мерките не ги оправдаа очекувањата односно не дадоа резултат. Ниту на минатат власт, ниту на актуелната власт мерките не ја подобрија куповната моќ на граѓаните.
Главниот податок кој е добиен од анализата е дека ефект на мерките за цените и маржите во трговијата има само во во првиот месец, потоа таа се враќа и тоа со засилено темпо. Извештајот на експертите покажува дека во периодот од 2021 до 2024 година, Македонија беше соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари како тој на масло за јадење и предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021. Но, главниот удар врз цените дојде по почетокот на руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари 2022, тоа е настан кој предизвика тектонски геополитички и економски поместувања, што имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и основните суровини. Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во Македонија е повисоко за 35%, додека нивото на цените на храната за 46.8%.
„Во одговор на овој инфлациски притисок, владата воведе низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението. Преземените мерки во периодот 2021-2024 година се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи и/или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените. Донесени беа вкупно девет основни одлуки до декември 2024, од кои три се однесуваат на ограничување на маржите, а останатите на ограничување на цените. Дел од нив се однесуваат на одредени производи од групата храна, а дел покриваат поширока палета производи од храна“, стои во извештајот на ФТ.
Дополнително, наодите од анализата покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната извршиле благ агрегатен ефект и силен непосреден ефект. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0.5%, месец-за-месец. Со мерките, во просек инфлацијата кај храната била негативна најмногу до -1%, односно со мерките цените на храната се намалувале. Оттука, оценетиот ефект е релативно голем, меѓутоа тој ефект се разводнува по првиот месец од примената на мерката кога таа траела подолго од еден месец. Податоците потврдуваат дека ова означува дека додека мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува веројатно заради прилагодувања на пазарната динамика.
Во продолжение на анализата се наведува дека мерките за ограничување на цените на храната ја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Инфлацијата се враќа на динамиката од пред мерката, скоро во целост, но не е проценето натфрлување.
„Finance Think препорачува мерките за ограничување на цените на храната да се користат само во случаи на особено висока инфлација, а во сите останати случаи да се заменат со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи, и тоа: доследна и непристрастна примена на законот за нефер трговски практики, зајакнување на капацитетот и алатките на комисијата за заштита на конкуренцијата, ремонт на системот на земјоделски субвенции за поголемо домашно производство и таргетирана буџетска поддршка на најранливите сегменти од населението“, стои во анализата.
Не само од оваа невладина институција, многу економисти и експертити посочуваа дека за подобрување на економската состојба на граѓаните е потребно зголемување на платите, а не корекција на цените. Пазарот е тој кој треба да си ги регулира односите на понудата и побарувачката.
И.П