Царинските закани на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп веќе ја зголемуваат цената на долгорочното задолжување ширум светот, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, цитирана од „Bloomberg“.
„Неизвесноста за трговските политики на претстојната администрација придонесува за глобалните економски тешкотии и всушност се изразува на глобално ниво преку повисоки долгорочни каматни стапки“, рече Георгиева за новинарите во Вашингтон.
Таа рече дека ова се случува иако краткорочните каматни стапки се намалени – „многу необична“ комбинација.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20-ти јануари, вети дека ќе воведе нови царини за увоз од земји како Кина, како и од сојузничките земји, вклучувајќи ги Канада и Мексико. Ова предизвикува загриженост дека прекините во синџирот на снабдување ќе го забават економскиот раст и ќе ги зголемат цените. Главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Пјер-Оливие Гуриншат во октомври предупреди дека царините и трговската несигурност може да го намалат глобалното производство за околу 0,5%.
Последните недели од 2024-та година, а првите денови од новата година беа обележани со нагло зголемување на приносите на обврзниците низ поголемиот дел од светот и пораст на американскиот долар додека инвеститорите го одмеруваа потенцијалното влијание на политиките на Трамп за време на неговиот втор мандат.
„Не е изненадувачки, со оглед на големината и улогата на американската економија, што постои голем интерес на глобално ниво за насоките на политиката на претстојната администрација, особено за тарифите, даноците, дерегулацијата и ефикасноста на владата“, коментираше Георгиева во петокот.
„Влијанието на трговските политики на САД ќе биде најсилно врз земјите и регионите интегрирани во глобалните синџири на снабдување, вклучително и многу средни економии и Азија како регион“, додаде таа.
„Силниот долар ‘може да поттикне повисоки финансиски трошоци за пазарните економии во развој, особено за земјите со ниски приходи’“, рече Георгиева.
Таа рече дека американските економски податоци, вклучително и извештајот за работните места во петокот, покажале дека Федералните резерви „може да си дозволи да чека повеќе податоци пред да направи дополнителни намалувања“ на референтната каматна стапка.
Од пандемијата, ММФ предупреди на слаби изгледи за раст на глобалната економија. Во октомври прогнозираше раст од 3,2% оваа година – прогноза што треба да се ревидира на 17-ти јануари, кога фондот ќе објави ажурирање на глобалните економски изгледи.
Георгиева навести дека податоците нема многу да се променат, истакнувајќи дека ММФ гледа „силен глобален раст“, но таа посочува значајни разлики.
„САД прават многу подобро отколку што претходно очекувавме. Спротивно на тоа, Европската унија е донекаде во стагнација, Индија е малку послаба, а Кина се соочува со предизвици од дефлаторните притисоци и слабата домашна побарувачка“, додаде таа.