18 јануари, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто „македонската рака“ не знае да штеди?

Зошто „македонската рака“ не знае да штеди?

Во македонското секојдневие, фразата „трошиме како да нема утре“ станува сè порелевантна.

Дали станува збор за економска неоправданост, недостаток на финансиска едукација или културна карактеристика?

Анализирајќи ги навиките на трошење и штедење кај македонските граѓани, можеме да откриеме многу за нивниот однос кон парите и иднината.

Културни корени на трошењето

Љубица Маџовска, социолог од Скопје, вели дека корените на оваа навика лежат длабоко во македонската култура.

„Нашиот менталитет е под силно влијание на традицијата. Домаќинската куќа секогаш мора да биде подготвена за гости, празниците се прославуваат со раскош, а дури и во скромни времиња, македонскиот граѓанин чувствува обврска да покаже дека има, дури и кога нема“, објаснува Маџовска.

Оваа тенденција се одразува и во финансиските одлуки.

Луѓето често ги преферираат моменталните задоволства пред долгорочните планови.

Купувањето најнови модели на мобилни телефони, брендови или празнични декорации честопати го надминува реалниот семеен буџет.

Економска реалност

Економскиот аспект исто така игра значајна улога.

Според еконмскиот аналитичар Ведран Кузмановски, ниските примања кај поголемиот дел од населението го прават штедењето речиси невозможна мисија.

„Кога 60% од платата оди за основни потреби, граѓаните немаат простор за штедење. Она што останува, често се троши за ситни задоволства, како компензација за секојдневните грижи“, истакнува Кузмановски.

Сепак, ова не значи дека нема простор за промена. Финансиската едукација останува слабост на општеството, каде голем дел од граѓаните немаат јасна слика за управување со пари.

Штедењето како табу?

„Не е срамота да штедиш, ама кај нас тоа звучи како синоним за скржавост“, вели Марија Јовановиќ, маркетинг менаџерка и мајка на две деца.

Таа истакнува дека во нејзиното опкружување, многумина ги осудуваат оние кои внимателно ги планираат трошоците.

„Кога ќе кажеш дека не сакаш да трошиш на непотребни работи, често добиваш коментари како: ’Што ќе ги носиш парите в гроб?’ Тоа е длабоко вкоренета предрасуда“, вели таа.

Марија, која редовно ги планира своите трошоци и има заштеди за итни случаи, смета дека штедењето е клучно за финансиска сигурност.

„Вистинскиот предизвик е да го смениме начинот на размислување. Штедењето не значи дека не уживаш, туку дека мудро управуваш со она што го имаш“, објаснува нашата соговорничка.

Потенцијални решенија

За да се поттикне културата на штедење, експертите препорачуваат воведување финансиска едукација во училиштата, како и јавни кампањи за подигање на свеста.

Банкарските институции, исто така, можат да понудат стимули за штедење, како поповолни услови за штедни сметки и советување за управување со буџет.

На крајот на краиштата, македонското општество мора да се соочи со реалноста дека штедењето е основа за стабилност, а трошењето не треба да биде единствен израз на животната радост.

Како што вели Маџовска: „Штедењето е инвестиција во слободата. Кога знаеш дека имаш резерви, животот станува помалку стресен“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП