Извозот од земјава се намалува со забрзано темпо, паѓа вредноста и на увезената стока од странство. Една од причините за ваквата состојба е и кризата која ја зафати најмоќната европска економија Германија. Фабриките кои се дел од индуастриските зони и претежно работат за извоз со автомобилски делови веќе имаат континуиран пад на нарачките од Западна Европа. Експертите посочуваат дека ова е најголемата криза која ја зафатила Германија уште од Втората светска војна.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – ноември 2024 година, изнесува 7 216.6 милиони евра и бележи пад од 5.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 10 126.5 милиони евра, што е за 0.6 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2024 година, изнесува 2 909.9 милиони евра. Ова се официјалните податоци од Државниот завод за статистика.
Податоците од извештајот велат дека Германија и натаму е нашиот најголем бизнис партнер со кого имаме најдобра трговска размена. Во периодот од јануари до ноември лани таа изнесувала 4 милијарди и 11 милиони евра. Но ако ги видоме податоците од истиот период 2023 година ќе забележиме дека има намалување во стоковата размена во вредност од над 400 милиони евра.
„Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седиш и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица. Во периодот јануари – ноември 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија. Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2024 година, изнесува 7 216.6 милиони евра и бележи пад од 5.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 10 126.5 милиони евра, што е за 0.6 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2024 година, изнесува 2 909.9 милиони евра“, стои во извештајот на ДЗС.
Негативните состојби во германската економија веќе сериозно се отсликуваат и на македонската економија. Стопанството е во минус веќе со месеци а се намалува и бројот на вработени во индустријата. Неколку месеци по ред во земјава се регистрираше и намалување на просечната плата.
Податоците пак кои ги објави Истражувачкиот институт Ханделсблат покажуваат дека германската економија веќе три години по ред е во пад и влегува во периодот со најдога криза од последната светска војна. Проекциите на експертите од оваа институција покажуваат дека економијата на Германија годинава ќе доживее пад од 0,1 отсто. И таквото прогнозирање доаѓа по 0,2 отсто во 2024 година, и по намалувањето од 0,3 отсто во 2023. Ова според институтот е најголемата криза на Германија во повоената историја.
Само како илустрација што точно се случува во најмоќната европска економија се податоците дека во првите шест месеци од ланската година извозот и е сведен на нешто над 800 милијарди евра и бележи близу два отсто намалување споредено со истиот период во 2023 година. Што се однесува до увозот тој лани во јуни изнесувал само 662 милијарди евра или намалување за над шест отсто во анализираниот период. Податоците од германскиот завод за статистика покажуваат дека најзастапени во извозот на земјава со години се автомобилите кои бележат намалување од 2,4 отсто во однос на првите шест месеци од ланската година. Извозот на моторни возила и автомобилски делови во првата половина од 23-та изнесувал 135 милијарди евра. Најмногу производи од Германија купува САД, а пак Германија за своите потреби од увоз најмногу тргува со Кина.
И.П