Растот на цените на горивата во последниот период ја става македонската економија пред сериозни предизвици.
Од транспортот како клучен столб на логистиката, до трошоците за производство и конечната потрошувачка на граѓаните, ефектите од високите цени се чувствуваат во секој сектор.
„Секој ден следиме нови цени на бензините и дизелот, што значи дека и нашите трошоци постојано се зголемуваат. Превозниците тешко може да ги апсорбираат овие поскапувања без да ги префрлат на своите клиенти”, вели Горан Митевски, сопственик на транспортна компанија од Скопје.
Според него, зголемените трошоци за гориво директно влијаат на цените на услугите што ги нудат.
Транспорт и логистика
Горивото претставува една од најзначајните ставки во транспортниот сектор, кој игра централна улога во македонската економија.
Поради зголемувањето на трошоците за превоз, компаниите се приморани да ги зголемат цените на производите кои ги дистрибуираат.
Ова е особено забележливо кај прехранбените артикли и основните животни намирници, кои патуваат преку долг синџир од производител до потрошувач.
„Цената на горивото влијае на целиот систем. Сите производи на пазарите поскапуваат бидејќи превозот станува поскап”, истакнуваат економистите и појаснуваат дека малите бизниси се меѓу најпогодените, бидејќи немаат доволна финансиска флексибилност за да ги надминат овие шокови.
Зголемени цени на производите
Со раст на трошоците за транспорт, производителите и трговците мора да ги вклучат овие дополнителни трошоци во цената на крајниот производ.
Ова ги погодува граѓаните, особено оние со ниски примања. Според последните податоци, ако ја изоставиме актуелната Новогодишна кошничка, цените на основните производи како брашно, масло и млеко бележат пораст од 5 до 10 проценти во споредба со ланската година.
Семејствата кои се борат да врзат крај со крај се принудени да ги намалат своите трошоци на други категории.
„Нема каде да се штеди повеќе. Сметките растат, а платите остануваат исти”, вели Благица Петровска, домаќинка од Ѓорче Петров.
Потрошувачка моќ и инфлација
Високите цени на горивата го намалуваат расположливиот приход на домаќинствата, што доведува до пад на потрошувачката моќ.
Со тоа се создава спирала која негативно влијае на економскиот раст. Намалената куповна моќ се одразува на трговијата и услугите, кои се принудени да го прилагодат својот обем на работа.
Истовремено, инфлацијата, поттикната од растот на цените на горивата и трошоците за транспорт, станува дополнителен товар за граѓаните.
Централната банка постојано предупредува на потребата од стабилизација на цените, но глобалните случувања, како што се флуктуациите на светските пазари на нафта, ја прават оваа задача уште потешка.
Во секој случај, растот на цените на горивата е комплексен проблем кој ги погодува сите аспекти на македонската економија.
Транспортниот сектор е првиот на удар, но последиците брзо се прелеваат врз потрошувачите преку зголемени цени на производите.
Ситуацијата бара системски мерки за ублажување на ефектите, како и долгорочни стратегии за енергетска ефикасност и диверзификација на енергијата.
Во спротивно, товарот на растечките цени ќе продолжи да го сноси обичниот граѓанин.
Б.З.М.