11 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија заостанува во својата цел да го замени јагленот

Германија заостанува во својата цел да го замени јагленот

Германија најверојатно ќе заостане во обидот да ги укине фабриките за јаглен до 2030-та година, откако беше укинат планот за проширување на алтернативните гасни постројки.

Владата на канцеларот Олаф Шолц вети дека ќе се стреми кон порано постепено укинување на јагленот, законскиот рок на земјата е 2038-ма година, но напорите претрпеа удар оваа недела кога властите го отфрлија законот за изградба на нови постројки на гас. Мерката не може да се гласа откако германската трипартиска коалиција пропадна минатиот месец, соопшти Министерството за економија.

Најголемата европска економија сакаше да изгради постројки на гас за да ги намали емисиите на стакленички гасови од енергетскиот сектор на земјата и да обезбеди алтернатива за брзо растечките обновливи извори. Градежните компании го критикуваа бавниот напредок на владата во придвижувањето на планот и сега ќе мора да чекаат уште подолго.

„Сегашната состојба значи доцнење од најмалку уште една година. Губиме драгоцено време што го немаме“, коментираше Вернер Гец, извршен директор на мрежниот оператор „TransnetBW“.

Целта на владата беше да субвенционира пет гигавати нов капацитет до 2026-та година, за што одвои речиси 18 милијарди евра. Севкупно се планираше да се додадат 13 гигавати капацитет, а се претпоставуваше дека некои од нив подоцна ќе бидат приспособени да работат на водород.

Гец предупреди дека ако земјата продолжи да се потпира на старите постројки на јаглен за да ја стабилизира својата мрежа, тоа носи ризици, бидејќи тие се изложени на ризик од дефекти. Просечната старост на овие погони е 33 години и речиси и да нема вработено лице да ги стопанисува.

Додека повеќето традиционални партии кои уживаат поддршка пред изборите во Германија на 23-ти февруари ја препознаваат важноста од додавање алтернативни електрани како дополнување на обновливите извори на енергија, може да поминат месеци пред да се подготват новите планови и тие да бидат изгласани од парламентот.

Други енергетски компании, како што е операторот на фабриката за јаглен Стиг, исто така, изразија загриженост поради доцнењето. Портпаролот на компанијата рече дека ќе бидат потребни шест години за да се изгради нова гасна централа, и додека компанијата веќе почнала да планира работи за неколку такви постројки, временската рамка е тесна дури и без новиот развој.

„Без овие електрани, постепеното исфрлање на јагленот ќе станува сè подалеку“, коментира Ингберт Лебинг, шеф на германската асоцијација на локални јавни комунални претпријатија.

Освен што ќе доведе до повеќе емисии на јаглерод, доцнењето ќе доведе и до повисоки цени на електричната енергија, вели Симон Милер, германски директор на тинк-тенк „Agora Energiewende“.

Откажаниот план ќе влијае и на соседните земји. Германските гасни постројки подготвени за водород „се сметаа за можни пионери и потрошувачи на водород“, вели Стефан ван Лаер, експерт за климатска транзиција во пристаништето Антверпен-Бриж.

„Ова значи дека остатокот од пазарот, како што е производството или развојот на инфраструктурата, исто така ќе биде одложен“, додава тој.

Претставниците на индустријата се надеваат дека законодавството за гасни постројки ќе биде дел од првите сто дена на новата влада. Конзервативната опозиција, која исто така најверојатно ќе ја зајакне својата позиција на предвремени избори, го критикуваше фактот дека спречувањето на недостигот на енергија сега ќе падне на грбот на новата влада.

„Ни истекува времето и ова ќе биде една од првите задачи во новиот законодавен период“, рече потпретседателот на демохристијаните, Андреас Јунг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП