Бизнисот затвора една тешка година. Година во која сите чинители очекуваа дека ќе има стабилизација на економските турбуленции но и нови предизвици кои ќе произлезат од двојните избори кои се случија на средина на годината. Сега кога сето тоа се заврши надежите на бизнисмените се дека 2025 гтодина треба максимално да биде посветена на раст и развој на стопанството. Повеќе време за губење нема, децидни се од приватниот сектор.
Во Скопје на заедничка маса денеска ќе заседава Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, а тоа е асоцијација која ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, и ќе ја одржи својата 33та седница.
Домаќинот, потпретседателот на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора Бранко Азески, најави дека приоритети во активностите на Коморскиот инвестициски форум во 2025 година ќе биде примената на планот за Заеднички регионален пазар, во кој КИФ е активно вклучен во структурата на управување со процесот во однос на имплементацијата и надгледувањето на мерките предводени од приватниот сектор. Ставот на комората е дека со усвојувањето и имплементацијата на стандардите на ЕУ, како основа на мерките во рамките на Заедничкиот регионален пазар, Акцискиот план ќе служи како важна пристапна порта кон единствениот пазар на ЕУ во многу сектори и како алатка за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ. Токму затоа бизнисот иницира вклучување на стопанските комори од регионот со активности, преку КИФ во овој процес, е од клучно значење за максимизирање на придобивките.
„На домашен план како да започнаа да се заокружуваат клучните економски активности. Се донесе буџетот, се финишираат активностите со унгарскиот кредит, Бехтел и Енка се внесени во извршување на работите, странските инвестиции продолжуваат, на анализа одат неколку суштински закони меѓу кои и Законот за работни односи во делот на недела неработен ден. Што значи после три годишна имплементација Законот оди на преиспитување. Растот на Бруто домашниот производ од 3% за третото тромесечие дава поттик и надеж за акција – 2025 да биде година во која секоја наредна година ќе имаме повисока стапка на раст. За таа цел, Комората во петокот (13.12.2024 година) организираше два настани кои ги фокусираат нашите приоритети – борба против корупцијата и градење вештини за потребите на бизнисот во високо образовните институции, како продолжение на се` она што го направивме во дуалното образование во средните училишта“, велат од Стопанската комора.
Од Стопанската комора се децидни, бизнисот е структура која работи на долги патеки и во моментов претставува единствен кохезионен партнер на нашите простори: меѓудржавни, меѓунационални, меѓуверски, генерациски. Нивниот предлог е сосема едноставен. Тие бараат да ги бидат поддржани, за да може поддршката да биде возвратена, се месли на владата. Стопанствениците порачуваат дека после новогодишните празници активности продолжуваат, а ќе започнат со две значајни работи:
„Во Скопје ќе се одржи работна средба на Асоцијацијата на Балкански Комори (АБК), на која исклучиво ќе се разговара за развојот на инфраструктурата на Балканот во функција на развој на бизниот, особено за железницата која е рак рана на транспортот како важна алатка во нашето работење. За таа цел, оваа недела ќе имам работни средби со моите колеги од Грција и Турција, Масутис и Хисарчиклиоглу, на кои ќе ги дефинираме заклучоците на АБК. На домашен план, ќе стартуваме со отворање на Институтот за извоз кој што произлезе од проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со УСАИД, со новиот состав на Националниот совет за извоз како обединувачко тело на приватниот и јавниот сектор во делот на извозот“, додаваат од Стопанската комора.
Овие пораки се упатени до надлежните на Илинденска број 2. Властите во новата година ќе немаат други изговори, туку ќе мора сега сериозно да се посветат на подобрување на, пред се стандардот на граѓаните, да ја подобрат бизнис климата, и за на крај државата да тргне по едни вистински насоки, насоки кои ќе донесат подобар живот за сите.
И.П