Македонија сѐ почесто станува почетна точка за странски работници од Непал, Пакистан и од Бангладеш, кои преку нашата земја наоѓаат пат до Европската Унија.
Работниците, кои пристигнуваат со надеж дека ќе најдат подобар живот тука, набрзо ја користат Македонија како транзитна зона за понатамошна миграција во држави каде платите се значително повисоки.
Овој феномен не само што не го реши недостигот од работна сила во Македонија, туку создаде нови предизвици за домашниот пазар на труд.
Многу работодавачи, надевајќи се дека ќе ангажираат странски работници за пониски плати, останаа разочарани од нивната брза одлука да ја напуштат земјата.
Работници од странство – привремено решение
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) предупредуваат дека оваа пракса е резултат на недоволно испланирани стратегии од страна на работодавачите.
„Многу газди мислеа дека лесно ќе го решат недостигот на работници со ангажирање луѓе од странство, но реалноста ги демантираше. Нивната цел никогаш не била да останат во Македонија на подолг рок“, велат економските аналитичари.
Според нив, Македонија не може да биде конкурентна во однос на платите и условите кои ги нудат европските држави.
Еден од главните проблеми е што ангажираните работници од Азија доаѓаат со ограничени договори, а по нивното истекување или дури и порано, тие ги напуштаат македонските работни места и заминуваат во земји од ЕУ каде можат да заработат повеќе.
Што вели државата?
Министерството за економија е свесно за проблемот и најавува системски пристап за негово решавање.
За оваа цел, во буџетот за 2025 година се предвидени дополнителни 6 милиони евра за усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд.
„Фокусот е на зголемување на платите, подобрување на условите за работа и обука на домашните работници“, велат од Министерството за економија.
Отскочна даска
Економските аналитичари вели дека трендот на користење на Македонија како „транзитна станица“ за азиските работници ќе продолжи, освен ако не се направат сериозни промени.
„Недостигот од работна сила е глобален проблем, но нашата земја дополнително го влошува со ниските плати и ограничените можности. За да ги задржиме странските работници, мора да им понудиме конкурентни услови. Исто така, треба да се инвестира во задржување на нашите млади луѓе кои сѐ повеќе се иселуваат“, велат економистите.
Каде е решението?
Синдикатите и експертите се согласуваат дека наместо увоз на работници, Македонија треба да се фокусира на зголемување на платите и подобрување на работните услови.
Ова ќе биде поттик не само за странските работници, туку и за младите македонски кадри кои моментално ја напуштаат државата.
Додека се чекаат конкретни мерки од Владата, трендот Македонија да биде „туристичка агенција“ за работници кон ЕУ, веројатно ќе продолжи, оставајќи го домашниот пазар на труд во уште потешка ситуација.
Б.З.М.