Додека државата и банките ги договараат условите за кредитирање на компаниите за дел од кредитот од Унгарија, економистите препорачуваат дека парите кои ќе се истурат во стопанството може да се искористат и за попродуктивна цел.
Ставот на професорот Абил Бауш е дека потребен е проект за младите прогресивни луѓе кои размислуваат претприемнички. Со образложение дека поголемиот дел од компаниите кои имаат потреба од пари за дадена инвестиција, тоа веќе го направиле од комерцијалните банки или пак истото би го направиле во периодот што следи, без притоа да чекаат некаква државна помош. И каматите на кредитите во банките се слични со онаа која ја нуди државата од 3,25 отсто.
Повторно се повторува старата грешка. Повторно младите и амбициозни луѓе од земјава ќе бидат ставени во втор план. Економистот Абил Бауш за Денар вели дека ова е последна шанса да се задржат оние млади умови, оние потенцијални бизнисмени во земјава, но доколку им се направат услови за нивен развој и напредок во животот. Препораката на Бауш до властите е дека сега е моментот да се инвестира во иновациите, во вистинските вредности кои како на среден така и на долг рок ќе резултираат со зголемување на стапката на БДП на земјава.
„Компаниите во Македонија го имаат достигнато врвот, го достигнале зенитот на развиеност. Во моментов на фирмите им е потребна некоја иновација некој нов начин на работење. Тоа што загрижува е што младата популација нема каде да ги развива своите идеи. Треба да направиме дигитална платформа, да инвестираме за нив, па нивните стартапи, нивните идеи да ги материализираме и да направиме добри компании. Или линк помеѓу овие постоечки компании и новите стартап компании да може да ги поврземе да ги умножуваме и да може да се направи некаква комплементарност помеѓу овој систем за да бидеме конкурентни на пазарот. Ако ова не го направиме, ќе нема фајде ако им даваме пари на нашите компании. Ни се потребни многу реформи, и тоа реформи кои може да бидат и болни и чувстителни, но мора да се случат. Знаете како се вели, лекот горчи но мора да го пиеш за да оздравиш. Тоа е реалноста”, вели економистот Абил Бауш.
Во меѓувреме, две недели владата и банките се во комуникација и ги договараат условите, на кој начин и под кои услови да се поделат 250 милиони евра за развој на стопанството преку модернизација и инвестиции во машини и нова технологија на компаниите. Се договара кој ќе го сноси трошокот за каматата и провизијата, дали фирмите или државата, рокот кој ќе го имаат компаниите да ги вратат парите и условите кои фирми ќе може да аплицираат за дел од средствата.
Бизнисот веќе порача дека бара што е можно условите да бидат едноставни за мерката да биде достапна за поголем дел од фирмите. Економистите остануваат на ставот дека иднината е на новите технологии и иновациите, односно вложување во младите и во човечкиот капитал.
И.П